Македонија
2. April 2017 - 20:18

Кратово: Малиот Давид донираше за повредено другарче

Големината на еден човек се гледа во моментите кога она што го примил како дар е подготвен да го сподели со страдалниците околу себе. Токму таков хуман гест направи тринаесетгодишниот Давид Стојановски од Кратово, детето кое боледува од карцином и за кое целата македонска јавност се крена на нозе. Тој го посети домот на семејството Павловски од Кратово, за да му подари 1.000 евра на својот млад сограѓанин кој неодамна тешко настрада во сообраќајна несреќа.

- Денес дојдов кај батко Далибор за да му донесам мал подарок, затоа што има преживеано тешка сообраќајна несреќа. Сакам да покажам дека луѓето имаат хумано срце и дека треба да помагаат на други луѓе – рече Давид Стојановски.

Жените-хуманистки од Кратово, Гордана Накова и Јагода Ивановска, кои безброј пати помогнале на многу загрозени семејства, уште еднаш порачаа дека само добрите дела остануваат да се паметат.

- Добрината со добрина се веаќа. Сенадевам дека ќе дадеме добар пример, дека и малите и големите донации што ги прими Давид, сака да ги сподели со некој кому му се неопходни – истакна Гордана Накова.

Давид Стојановски деновиве ќе започне со хемотерапија, а наскоро по трет пат ќе замине во Австрија за да ја вгради потребната протеза на ногата.