Ковачевски по средбата со Петков: Во моментов не може да се зборува за каков било напредок со Бугарија, разговорите продолжуваат
Во овој момент не можам да кажам за тоа дали има напредок во однос на постигнување на заемно прифатлив документ со Бугарија, но разговорите продолжуваат меѓу експертските тимови на министерствата за надворешни работи и штом ќе има одреден напредок тогаш ќе биде соопштен на ниво на министри, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски по средбата со неговиот бугарски колега Кирил Петков во Рим.
Премиерот Ковачевски напомена дека доколку има документ кој што ќе биде заемно прифатлив, тој ќе биде презентиран јавно.
На средбата со Петков, како што информира премиерот, присуствувале и министрите за надворешни работи на двете земји Бујар Османи и Теодора Генчовска, кои информирале за текот на разговорите што се одвиваат на ниво на експерти на министерствата.
Според Ковачевски, договорено е тие разговори да продолжат со цел да се обидат министерствата за надворешни работи да дојдат до документ што би бил прифатлив за двете држави и би претставувал основа за решение кое ќе може да биде споделено со институциите во двете држави.
– Воопшто не разговаравме и за тоа дали има нови услови од Бугарија. Се работи на оние прашања кои беа отворени и претходно, за нив веќе постои т.н. португалски предлог, кој што уште е основа за разговори помеѓу министерствата за надворешни работи и во овој момент не можам да кажам за напредок во однос на постигнување на заемно прифатлив документ, со оглед на тоа што додека не се дојде до таков документ не можеме да зборуваме за напредок, рече Ковачевски.
Тој напомена дека средбата со премиерот на Бугарија била исклучително конструктивна и дека разговарале на повеќе теми.
Во однос на очекувањата за претстојниот Самит на ЕУ во јуни, Ковачевски рече дека не сака да се врзува со датуми, бидејќи како што нагласи, нашата држава предолго време беше заложник на датуми од месец во месец и смета дека такво нешто не зависи исклучиво од нас, туку зависи од одлука на 27-те земји членки на ЕУ.
– Без разлика на исходот во јуни, Владата и државата имаат многу јасен план на што ќе се работи во идниот период, а нормално без разлика на исходот ние сме со Бугарија соседна држава, имаме отворени прашања кои ќе треба да бидат адресирани и штом ќе се дојде до решение кое ќе е прифатливо тогаш ќе го соопштиме, рече Ковачевски.
Ново на Сител
-
Трамп „не е задоволен“ со Путин, разгледува нови санкции
-
ЦУК: Активни 11 пожари, еден под контрола
-
Потпишан договор за грант од 5,5 милиони евра за енергетска реконструкција на студентски домови
-
Најмалку осуммина повредени во невремето што попладнево го погоди Белград
-
ЕК за концертот на Томсон: Го осудуваме секој израз на фашизам, членките на ЕУ да го казнат говорот на омраза
-
Голема брзина над дозволената причина за несреќата во која загинаа Жота и Силва
-
Вардар и Алкалоид се двете македонски екипи во Лига Европа во ракомет
-
Владата прогласи кризна состојба од 30 дена поради пожарите