Македонија
1. December 2021 - 16:48

Ковачевски и Ременски во трка за лидер на СДСМ

Две имиња со амбиција за наследник на Заев на партискиот трон на СДСМ. Еден ден пред истекот на рокот, своите кандидатури ги поднесоа актуелниот заменик министер за финансии Ковачевски и ексминистерката Ременски.

Откако ги достави документите во седиштето на партијата, Ковачевски рече дека ќе бара гласови врз основа на неговата програма која се базира на социјалдемократските вредности, економски раст и правичен систем за сите.

Неговото име веќе некое време циркулира како фаворитско во трката, бидејќи се смета дека тој ужива директна поддршка од Заев. Сепак, Ковачевски најавува дека премиерот нема да има влијание врз неговите одлуки.   

“Моето работење и мојот интегритет јас ќе го потврдам преку работењето, политиките и преку одлуките кои ќе ги носам, доколку бидам избран за претседател на СДСМ”, вели Ковачевски.

Ковачевски е директен учесник во преговорите за формирање на парламентарно мнозинство. Се разговара за кадровски решенија, а една од шпекулациите е дека Алтернатива ќе го добие министерството за здравство.

“Ако гледаме од аспект на СДСМ, по завршувањето на изборот на претседател на партијата, следува конгрес, низ процедурите на партиските тела се носи таа одлука. На крајот таа зависи и од коалициските партнери, но зависи и од Парламентот кој ја носи финалната одлука. И дури откако тоа ќе се случи, тогаш можеме да зборуваме за конкретни кадровски решенија”, рече Ковачевски.

Неколку часа претходно, СДСМ ја доби првата официјална кандидатура. Ковачевски го претрка Фросина Ременски, познато партиско лице кое беше дистанцирано по случајот Рекет.

Нејзината мисија, како што вели, е стабилизирање на разнишаниот СДСМ.

Партиските избори за наследник на Заев се закажани за 12 декември, а истиот ден лидер ќе избира и ВМРО ДПМНЕ.

Секој оној кој ќе добие поддршка од најмалку 30 делегати има право на кандидатура, а по победата на локалните избори, се очекува реизбор на Христијан Мицкоски.