Македонија
30. January 2023 - 11:45

Ковачевски: Годинава имаме шанса да ги забрзаме преговорите и да станеме членка на ЕУ до 2030

Дали ќе ги отвориме поглавјата во рамки на преговарачкиот процес е нешто што зависи од нас. Во оваа, 2023 година, ја имаме најголемата шанса досега, да ги забрзаме преговорите и до 2030-та година, објективно и реално, Република Северна Македонија да стане членка на ЕУ. Ги почнавме преговорите со целосно заштитен македонски јазик, а со тоа и македонски идентитет и тоа е веќе кристално јасно. За сите надвор, се надевам и за сите добронамерни дома, истакна премиерот Димитар Ковачевски во својот говор на дводневната конференција организирана од Владата.

Тој повтори дека македонскиот јазик е признаен и прифатен рамноправно меѓу европските јазици, за што конкретен доказ е веќе потпишаниот договор со ФРОНТЕКС, додавајќи дека почитувањето, вреднувањето, зајакнувањето и унапредувањето на македонскиот јазик и македонскиот идентитет зависат најмногу од нас самите, тука дома. Нашата историја, традиција и јазик, потенцира Ковачевски, никој и никогаш не може да го земе.

– Имаме своја македонска историја, култура, традиција по коишто сме како посебен народ и посебна држава препознаени и признаени во Европа и светот и за ова не треба да дебатираме дома. Зарем треба овие наши темели да дозволиме да се напаѓаат однадвор, но и одвнатре, од поединци и структури желни за пари и власт, за кои ништо не е свето и се е предмет на пари! Секако дека не! Јас, Владата и сите граѓани ќе бидеме единствен и заеднички бедем за одбрана и гаранција на единствениот македонски национален идентитет, потенцираше Ковачевски.

Во нашата држава живеат и рамноправни граѓани Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, но и други, со коишто успешно градиме еднакво општество за сите и тоа нè прави дополнително посебни и пример за соживот, рече премиерот, додавајќи дека тоа е нешто што го практикуваат и народите кои се дел од ЕУ.

– Ако треба да зборувам за односите со Република Бугарија и за тоа ќе зборувам, бидејќи тука нема што да се тактизира. Ние сме посветени на добрососедски односи, во духот на европските вредности. Северна Македонија им гарантира и им овозможува на сите народи и сите граѓани кои живеат на ова тло и кои ја сметаат земјава за дом, непречено да си ги остварат своите права. И тоа сме го покажале и докажале на дело многу пати досега. Ние сме горди на наше мултикултурно општество, горди сме што сме Европа во мало. Така било, така е, така и ќе биде, рече Ковачевски.

Друго прашање, потенцира македонскиот премиер, е тоа што таму се подготвуваат за нови парламентарни избори и што како и секаде и таму постојат поединци кои преку националистичка и популистичка реторика се обидуваат да добијат видливост и гласност.

– Има веројатно и обиди да се наштети, не само на билатералните односи, туку и на единството во Европа, на кое што посебно упати војната во Украина, а кое што треба да се обезбеди преку натамошното проширување на Унијата, смета Ковачевски.

Затоа, вели тој, сите ќе си ја гледаме својата работа, а наша работа е да ги штитиме националниот идентитет, стабилноста и безбедноста на државата и да го овозможиме напредокот.

– Ние тоа го правиме. И како што сме свети чувари на минатото, исто така нема да дозволиме, никој да ни ја загрози европската агенда и нашата, заслужена, европска иднина. Во оваа 2023-та година очекувам нов исчекор во европските интеграции, потенцира премиерот Ковачевски.

Тој верува дека може да се постигне „европско парламентарно мнозинство“, кое ќе ги осигура европските перспективи.

– Оваа оценка ја темелам на фактот дека големото мнозинство граѓани во државата, на последните парламентарни избори, дадоа доверба на проевропски политички субјекти, коишто составија проевропска Влада. И оваа проевропска Влада што ја предводам, ќе продолжи да работи според очекувањата на мнозинството граѓани, а тоа се европски начин на живот дома и интеграција на државата во Европската Унија, рече премиерот.

Ковачевски нагласи дека оваа стратешка цел, поставена од независноста на државата и шансите за членство во ЕУ никогаш не биле поголеми и пореални од денес.

– И затоа, пред нас е година којашто ќе ја тестира зрелоста на сите политички лидери и на сите пратеници во Парламентот. Ние сме мултиетничка граѓанска држава, успешна функционална мултиетничка демократија, пример во регионот и во Европа и со тоа што ќе додадеме нови етнички заедници во уставот ништо нема да изгубиме, вели премиерот.

Ковачевски рече дека зборува отворено за предизвиците во 2023 година, затоа што треба да се носат паметни одлуки.

– Да, тешко е да се носат разумни одлуки во време на неразумни провокации, но нечие однесување говори за личноста која го применува тоа однесување. Ако го спуштиме нивото, ако подлегнеме на тие провокации, коишто ја имаат оваа цел – ние тогаш сме изгубиле. Сме дозволиле да победат профитерите, популистите, луѓето без вредности, морал и етика. Сме оставиле простор на македонските непријатели, рече Ковачевски, кој на граѓаните им порача дека не смееме, не можеме и не треба да губиме повеќе време за порази и стоење во место.

Премиерот додаде дека ја разбира претпазливоста и сомнежите и оти и тој има семејство, кое живее тука и си ја сака родната земја.

– Но, не можам и нема да прифатам некој политички да профитира на сметка на перспективите на граѓаните и на државата. Реков, најголем дел во оваа година бев меѓу вас, граѓаните – и ги слушам вашите потреби. Тоа не се постојани предвремени избори, не се политички надмудрувања, не се блокади во парламентот, тоа не е живот во грч и кризи, во песимизам и очајување, рече Ковачевски, кој смета дека граѓаните бараат вистински и оправдани очекувања за унапредување на квалитетот на живот.

Затоа, во 2023-та година, истакна Ковачевски, Владата ќе продолжи со стратегискиот пристап и бројните планирани проекти за коишто се отворени нови можности. Повика на одговорно однесување, во име на добрата иднина на сите и на нашата држава.

– Ние сме во фаза на билатерален скрининг, којшто успешно се одвива и којшто треба да го завршиме пред крајот на оваа година, рече премиерот.

Премиерот Ковачевски, претходно зборувајќи за инвестициите, рече дека инвеститорите сакаат сигурност и предвидлива клима за инвестирање и оти инвестициите и новите работни места се резултат на храбрите и мудри одлуки што ги донесовме кога Република Северна Македонија стана членка на НАТО.

-Ја осигураме безбедноста на државата и како што рековме, овој чекор веќе придонесува и на економски план – и тоа во специфичното време во кое живееме, рече Ковачевски во своето обраќање.