Бизнис
20. February 2019 - 19:24

Косовските власти со засилени контроли за македонското брашно- мелничарите трпат штети

Македонското брашно заглавено на косовскиот царински терминал. Почнувајќи од 10 јануари, Косово врши дополнителни контроли на секоја вреќа брашно што ја увезуваат од Македонија. Се сомневаат дека се работи за реекспорт од Србија. Прават и дополнителни анализи на квалитетот на брашното. Поради тоа камионите чекаат и по десетина дена, што е на штета на мелничарите.

“За камион кој што би стоел товарен на царински терминал превозниците бараат авто-ден по 100 евра на ден. Значи, ако стои камионот 8 дена, тоа се 800 евра. И дополнително по 40 евра е царинскиот терминал на ден, тоа е веќе 1.200 евра. Да се држат камионите вештачки за да се зголемат трошоците, фактички да стане брашното неконкурентно, тоа не е во ред”, вели Горан Малишиќ, претседател на Групација за мелничко-пекарската индустрија при Стопанска комора на Македонија.

Мелничарите побарале помош и од власта. Тие не се противат на дополнителните контроли, туку на застојот во транспортот. Министерот за економија го потврди проблемот, но посочи дека ниту еден камион не бил вратен.

“Веќе имав состанок со производителите на брашно од Македонија и веднаш стапив во контакт со колегите од косовска страна за да се разреши овој проблем и добив ветување дека за некое време тоа ќе се направи”, вели Крешник Бектеши, министер заекономија.

Од Царинската управа информираат дека на граничниот премин Блаце (од наша страна) нема застој при извоз, а за тоа што се случува на косовска страна немаат информација.

Косово пред 3 месеци воведе 100% царини за увоз на српски производи. Српскиот министер за трговија, Љајиќ, изјави дека одредени производи од таму преку алтернативни патишта влегуваат на косовскиот пазар. Ја посочи и Македонија. Мелничарите од земјава тврдат дека тоа не е случај со брашното, но дури и да има има такви примери, за тоа постојат казни, а стоката не треба да се задржува.

Според податоците извозот на брашно лани изнесувал 672.000 евра и речиси целата количина е извезена во месец ноември и декември по воведување на царините во Косово кон српските производи.

На ваквиот потег реагираа и Европската Унија и САД, но косовскиот премиер изјави дека нема да ја укине царината се додека Србија не го признае Косово.