Косовскиот вицепремиер Хоти нападнат со јајца
Косовскиот вицепремиер Авдулах Хоти е нападнат со јајца денеска во близина на објектот на Владата на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
На видеото кое е објавено на социјалните мрежи и во некои медиуми, се гледа како кон Хоти, кој е придружуван од уште три лица, некој фрла две јајца и извикува „таксата не смее да се укине“.
Нападот е реакција на намерата на новата косовска Влада, која ја води Албин Курти, а чиј прв потпретседател е Хоти, да ја укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, која во ноември 2018 година ја воведе претходната влада на Рамуш Харадинај.
Партијата на Хоти, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) го осуди денешниот напад, нарекувајќи го „низок чин, кој е неприфатлив и штетен за решавачките политички процеси низ кои поминува земјата“.
– Неприфатливо е враќањето на нашето општество во времето на такви напади, во 2015-2016 година, чија цел е стагнација и блокирање на државотворните процеси кои сме ги изградиле во партнерство со нашите меѓународни пријатели. Косово има потреба од мир, умереност и единство во градењето политики и водењето на земјата, се вели во реакцијата на ЛДК.
Владата на Курти најави дека во блиска иднина, со цел да се обноват преговорите за решавање на спорните прашања меѓу Приштина и Белград, ќе ја укине таксата и наместо неа ќе воведе политички, економски и трговски реципроцитет кон Србија.
Против укинувањето на таксата се партиите од претходната владејачка коалиција, сегашната опозиција, а најгласни се Харадинај и неговата партија Алијанса за иднината на Косово (ААК).
Ново на Сител
-
Брнабиќ: Во следните 48 часа ќе има седница на која Вучевиќ ќе предложи министри за новата влада
-
Две лица се повредени во пожар во фабрика за ракетни погонски системи во близина на Белград
-
Кина испрати воени авиони кон Тајван откако американскиот државен секретар го напушти Пекинг
-
Мотоциклист излетал од патот и удрил во паркирано возило
-
Милановиќ: Хрватска е дното на ЕУ, Бугарија е единствено полоша
-
Судење на Трамп: Издавач на таблоид призна дека ја „закопал“ приказната за аферата со моделот на Плејбој
-
Гир: Првиот круг од изборите мина генерално мирно и демократски
-
Пронајдено е 76-годишното лице во кавадаречко по кое се трагаше од вчера