Косово: Пребројувањето на гласовите од парламентарните избори завршува в недела
Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) објави денеска дека пребројувањето на гласовите во над 1.400 од вкупно 2.547 гласачки места на кои се гласаше за вонредните парламентарни избори одржани во земјата на 6 октомври, најверојатно ќе заврши до недела, 24 ноември, јави дописникот на МИА од Приштина.
Портпаролот на ЦИК Ваљмир Елези изјави за порталот коха.нет дека првично било планирано пребројувањето да заврши в понеделник, меѓутоа реално е да се очекува тоа да биде готово ден порано.
Пребројувањето на гласовите во повеќе од половината од гласачките места на кои се гласаше на 6 октомври, започна на 13 овој месец, истиот ден кога тоа го наложи Изборниот панел за поплаки и претставки (ПЗАП), кој прифати дел од поплаките на учесниците на изборите.
Портпаролот на ЦИК изјави дека до вчера на полноќ се избројани гласовите во речиси илјада од вкупно 1.407 гласачки места кои беа вратени на пребројување од страна на ПЗАП.
– Со оглед дека останаа за пребројување 438 гласачки места, откако до средата на полноќ беа пребројани 969 гласачки места, или 68,87 отсто, веруваме дека процесот на пребројување може да се затвори ден порано од планираното, односно в недела. Процесот на пребројување започна на 13 ноември попладне и за 7,5 денови просекот на преброени гласачки места во еден работен ден, од осум наутро до полноќ, беше 130 гласачки места, изјави Елези.
По завршувањето и на овој процес следи конституирање на новото, седмо по ред Собрание на Република Косово од завршувањето на војната во 1999 година, а потоа и формирање на новата Влада, за што мандатот се очекува да му биде доделен на Албин Курти, лидерот на досега опозициското Движење Самоопределување (ВВ), партија која победи на овие вонредни парламентарни избори.
ВВ уште од првиот ден по изборите, кога беа објавени првичните резултати, пред речиси еден и пол месец, ги започна преговорите за формирање заедничка влада со исто така досега опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), кој беше вториот најгласан субјект на 6 октомври.
Ново на Сител
-
Ангелов: ДЗС и ЦУК ќе станат една институција по локалните избори
-
Студентски протести во Србија во повеќе од 30 градови, се бара распишување предвремени избори
-
Лишени од слобода двајца турски државјани, пронајдена дрога и куршуми
-
Кац: И наредив на армијата да напредува во Појасот Газа без оглед на преговорите
-
Втора рунда директни преговори помеѓу Украина и Русија
-
Франција поради пренатрупаност на своите капацитети размислува за изнајмување затвори во Источна Европа
-
Во Велика Британија за еден ден преку Ла Манш пристигнале 1.194 мигранти
-
Водата во Скопје е санитарно исправна и може да се употребува, соопшти Водовод по интервенцијата во дел од градот