Свет
24. March 2020 - 17:25

Коронавирусот преживеал 17 дена по заминувањето на патниците од крузерот

Коронавирусот преживеал 17 дена на крузерот Дијамантска принцеза, подолго отколку што укажуваа досегашните истражувања за тоа колку на одредени површини може да преживее вирусот, покажуваат податоците објавени вчера од американскиот Центар за контрола и спречување на болести (ЦДЦ).

Студијата ги испита јапонските и американските напори да го спречат ширењето на ковид-19 на бродовите Дијамантска принцеза во Јапонија и Големата принцеза во Калифорнија. Патниците и екипажот на двата бродови биле во карантин, откако се покажало дека претходните гости, кои немале никакви симптоми додека биле на бродот, биле позитивни на коронавирусот по заминувањето, пренесува Си-ен-би-си.

Вирусот е „идентификуван на различни површини во кабините на заразените патници и без симптоми и до 17 дена откако патничките кабини на Дијамантска принцеза биле испразнети, но пред да се спроведе дезинфекција“, напишаа истражувачите, додавајќи дека овој наод не значи нужно дека вирусот се шири по површините.

„Ковид-19 на крузер претставува ризик за брзо ширење на болеста, особено кај ранливата популација и потребни се агресивни мерки за сузбивање на ширењето“, пишува ЦДЦ, повторувајќи ги своите насоки до ранливото население да избегнуваат крстарења за време на пандемијата.

Истражувачи од Националниот институт за здравство, ЦДЦ, УЦЛА и универзитетот Принстон претходно открија дека ковид-19 може да издржи и до три дена на пластика и не'рѓосувачки челик. Таа студија исто така открила дека количината на вирус на овие површини со текот на времето се намалува, пренесува Си-ен-би-си.

Спроведена е нова студија за да се утврди „како се случил преносот за време на повеќе патувања на неколку бродови“. Се испоставило дека до 17 март на најмалку 25 крстаречки патувања со бродови имало патници кај кои ковид-19 бил пронајден за време или по крстарењето. Скоро половина (46,5%) од сите заразени случаи на Дијамантска принцеза биле асимптоматски за време на тестирањето, што делумно ја објаснува „високата стапка“ на зараза кај патниците и екипажот.

Дијамантска принцеза и нејзините 3.700 патници и членови на екипажот биле сместени во карантин во јапонско пристаниште на 4 февруари, откако на претходен патник по враќањето во Хонг Конг му бил дијагностициран ковид-19. Бродот наскоро станал, тогаш, најголемо жариште на потврдени случаи на ковид -19 надвор од Кина бидејќи повеќе од 800 патници и членови на екипажот биле заразени. Девет лица починале по напуштањето на бродот. Јапонската влада и другите нации на крајот ги евакуирале своите државјани од бродот, пренесува Си-ен-би-си.

Истражувачите откриле дека 712 од 3711 луѓе на Дијамантска принцеза или 19,2 проценти биле заразени со коронавирус. Другиот брод вклучен во студијата, Големата принцеза, кој бил принуден да се закотви во близина на брегот на Калифорнија, откако двајца пациенти биле позитивни на коронавирус. Севкупно, во текот на двете патувања, утврдено е дека 78 заразени лица може да се поврзат со престој на бродот. По неколку дена, властите во Калифорнија дозволија бродот да влезе во пристаништето Оукланд, од каде сите патници биле пренесени во државен карантин.