Македонија
15. May 2017 - 12:28

Координација во Собранието за локалните избори

Кај претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери денеска се одржа координација на претставниците на пратеничките групи со цел да се договорат за распишување локални избори и за законски измени за евентуално продолжување на мандатот на градоначалниците и на советниците во локалните самоуправи.

На координацијата не учествуваше пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ затоа што не го признаваат изборот на Џафери за претседател на законодавниот дом. 

- Талат Џафери не е избран за претседател на Собранието на Република Македонија во законска процедура и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не гледа причина зошто би одговарала на покана која пратеникот Талат Џафери ја испраќа во својство на претседател. Со обидот да го изберат Талат Џафери за претседател, СДС ги погази и Уставот и законите и Деловникот за работа на Собранието, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ, пак, во соопштение побара претседателот Ѓорге Иванов итно да го додели мандатот за состав на нова влада зашто од денеска, нагласува партијата, се доведуваат во прашање и егзистенциите на вработените во општинските администрации, сервисите за граѓаните, услугите. 

- Несериознота на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и на Ѓорге Иванов ја оставија Македонија пет месеци без влада, а од денеска граѓаните се оставени и без градоначалници и советници. Блокадата на државата, мора итно да запре. Нормализацијата на државата и евроатлантските перспективи се врвен државен интерес и сите имаат законска обврска да ги овозможат и почитуваат демократските процеси што следат, смета СДСМ.

Заедницата на единиците на локалната самоуправа ЗЕЛС во петокот побара Парламентот најдоцна до денеска да одржи седница и да донесе решение за мандатите на градоначалниците и советниците, бидејќи, како што посочија оттаму, тогаш завршува првата половина на мај кога со закон престануваат да важат мандатите на градоначалниците и на советниците.

Според ЗЕЛС, можно решение е измена на Изборниот законик во кој наместо првата половина на мај ќе се стави друг датум за кој ќе се договорат политичките партии во Парламентот. Потребна е, сметаат од ЗЕЛС, и измена на Законот за локална самоуправа, како системски закон. Во него пишува дека советниците се избираат за време од четири години, а градоначалниците, пак, дека се избираат секоја четврта година. Тоа, според ЗЕЛС, значи дека со измените на Изборниот законик може да се реши проблемот со градоначалниците додека, пак, за советниците ќе биде потребна и измена во Законот за локална самоуправа. 

Доколку не се најде соодветно решение, посочија од ЗЕЛС, на граѓаните ќе им бидат ускратени сите услуги што ги добиваат од локалната самоуправа, нема да можат да се исплаќаат плати во институциите под нејзина надлежност, како градинки и училишта и ќе се спречи реализацијата на инфраструктурните проекти, нема да може да функционира јавниот превоз...

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат итно одржување на локалните избори, а како можни термини ги предлагаат 2 јули (16 јули втор круг), 17-ти и 24 септември или најдоцна 15 октомври. Според партијата на Груевски, СДСМ ги одложува изборите поради нивниот страв од пораз.

Ставот на СДСМ е дека најпрво треба да се формира новата влада, па да се распишат избори и го обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ дека неговите неразумни блокади во Собранието довеле и до проблемот со локалните избори.

На 10 мај Уставниот суд на Република Македонија едногласно одлучи да не поведе постапка за оценување на иницијативите за укинување на два члена од Законот за локална самоуправа и од Изборниот закон, со што ќе се овозможеше градоначалниците и советниците да останат на своите функции до одржувањето на локалните избори.

Подносителите на иницијативите - Министерството за локална самоуправа и Светскиот македонски конгрес, бараа оценка на уставноста и на законитоста на член 35, став 1 и на член 49 од Законот за локалната самоуправа, член 16, став 1 и член 16, став 1 во делот „во првата половина во мај“ од Изборниот законик.

Уставните судии одлучија дека Судот не е надлежен да одлучува за правни сиутуации кои не постојат бидејќи, како што рече судијата известител Елена Гошева, тоа е во исклучива надлежност на закондавецот, односно Собранието на Република Македонија.

Локалните избори требаше да се одржат во првата половина на мај, но поради тоа што не беше избран претседател на Собранието, истекоа сите рокови за нивно распишување во предвидениот термин.