Македонија
18. May 2016 - 18:08

Констатирани оставките на Спасовски и Ременски, Чавков и Спасов нови министри

Собранието на Република Македонија денеска ги констатираше оставките на министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски и за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски, како и на дополнителните заменици министри за финансии Кире Наумов, за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Пратениците, на предлог на премиерот за спроведување на предвремените избори Емил Димитриев, за нови членови на Владата ги избра Митко Чавков, за внатрешни работи Диме Спасов, за труд и социјална политика. 

Димитриев во образложението посочи дека на ова се решил по одлуката на Уставниот суд и предложените измени на Изборниот законик.

- Со нив на еден начин на датумот на избори ќе биде поништен и ќе имаме нова ситуација во која ќе немаме одреден точен датум за одржување на изборите. Моја законска обврска е да предложам лица коишто ќе раководат со МВР и Министерството за труд и социјална политика. Согласно тоа јас за министер за внатрешни работи го предлагам Митко Чавков, а за министер за труд и социјална политика  Диме Спасов. Се работи за личности коишто и претходно ги раководеле овие два исклучително важни ресори и зад нив стои богато искуство и успесите во раководењето со нив, рече Димитриев.

Верува дека новоизбраните министри во натамошниот период успешно ќе си ја обавуваат својата функција и оти во областите коишто ги покриваат нивен главен приоритет ќе биде реализација на главните програмски определби на Владата.

- Стои нормативно и уредено во нова ситуација да кога ќе биде одреден нов датум согласно законот за Влада имаме влада со перформанс нели којшто е согласно законот како резултат од разговорите во Пржино, рече Димитриев.

Претходно во процедурална забелешка Горан Сугарески истакна дека на ваков начин се овозможува, како што рече, аболицираните криминалци повторно да формираат влада и да владеат.

- Ова што го прави режимот ВМРО-ДПМНЕ ја турка државата во погубно сценарио. Го погребавте договорот од Пржино. Сега насилно ја поништувате и техничка влада формирана за спроведување на регуларни и веродостојни предвремени избори, рече Сугарески.

Треба да се знае, рече тој, дека преку пратениците мнозинството на Никола Груевски и Али Ахмети насилно ги враќа претходните министри со единствена цел да се усложни до максимум и така усложената политичка ситуација во Македонија.

На ваша одговорност, потенцира Сугарески, е се што ќе предизвика ова незапамтено насилие со кое се брани, како што потенцира  уплашената разловена власт. 

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски пак истакна дека одлуката на Уставниот суд не е во согласност со насоките на неговата пратеничка група, но, како што рече, ќе ја почитуваат за да понудат начин за излез од кризата предизвикана од СДСМ.

ДИК рече тој, донесе две одлуки, една дека е подготвена да спроведе избори, а втора дека е прочистен избирачкиот список.

- Проблемот не е избирачкиот список, ниту фантомски гласачи или неподготвеност на државата, туку проблем е катастрофално нискиот рејтинг на СДСМ и нивниот страв од соочување со граѓаните, рече Димовски.

Додаде дека колку и да е комплицирана одлуката на Уставниот суд и не се согласуваат со неа, нема, како што рече, со своите постапки  да му помогнеме на СДСМ да ја воведува Македонија во хроничен и неизлечлив хаос.

Опозициските пратеници, кои гласаа против изборот на новите министри по гласањето ја напуштија собраниската седница, а новоизбраните членови на Владата дадоа свечена заклетва. 

На дневен ред на оваа седница е Предлог законот за изменување на Изборниот законик, по скратена постапка, со кој се предвидува укинување на членовите со кои се предвидува одржување на предвремени парламентарни избори на 5 јуни. Со измените, предложени од Талат Џафери од ДУИ, не се предвидува нов датум за одржување избори.

Како што појасни Џафери измените треба да овозможат усогласување на Избирачкиот законик со привремената мерка на Уставниот суд на Република Мкаедонија што ја донесе денеска. Во нив, појасни, нема нов датум за избори. Тој, како што рече пратеникот, ќе биде дефиниран кога политичките субјекти ќе кажат дека се подготвени за избори и тогаш треба да се одржи нова седница на која тоа ќе се направи.

Верувам, додаде тој, дека со иницијативата на ДУИ се отвора мала врата земјата да излезе од политички метеж. Не ги разбира, рече, обвинувањата од опозицијата. Побара да се изјаснат ако се за избори кога да се оди на избори и да престанат да го бунат и да го плашат народот.

Претседателот на Собранието ја закажа оваа седница по денешната едногласна одлука на Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Парламентот од 18 јануари 2016 година и Одлуката за изменување на Одлуката за распуштање на Собранието од 23 февруари 2016 година. Притоа, уставните судии донесоа и времена мерка со која се запираат сите изборни дејства.

Иницијативата за оценување на уставноста на одлуката за распуштање на Парламентот беше поднесена од Талат Џафери од ДУИ.

Собраниската седница ќе продолжи со разгледување на измените на Изборниот законик  откако по нив претходно ќе расправа собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците