Македонија
24. November 2016 - 11:31

Конференција „Зајакнување на соработката меѓу правосудните институции од Западен Балкан“

Размена на искуства и подобрување на ефикасноста и квалитетот на обуките има за цел дводневната регионална конференција „Зајакнување на соработката помеѓу правосудните институции од земјите во Западен Балкан”, што се одржува во Скопје.

Конференцијата е во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, а во соработка со Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа – правна реформа (ГИЗ) и е дел од десетдневното работно одбележување на десетгодишнината од постоењето на Академијата.

Директорката на академијата Анета Арнаудовска, рече дека конференцијата има за цел размена на искуства за подобрување на квалитетот на обуките, оценка на нивната корисност и ефикасност, како и имплементација на знаењата во секојдневната работа на судиите и јавните обвинители.

- Академијата е земја набљудувач на ЕЈТН од самото основање во 2007 година. На конференцијата ќе се одржи и состанок на регионалниот Совет за соработка, што претставува нова мрежа на институции. Ќе зборуваме и разменуваме искуства за идните предизвици на тренингот и како да се подобри ефикасноста и квалитетот на обуките, рече Арнаудовска.

Посочи дека на конференцијата учествуваат осум директори на правосудни академии од Југоисточна Европа и Турција, претставници од Академијата за европско право (ЕРА) и ХЕЛП програмата при Совет на Европа и генералниот секретар на Европската мрежа за правосудна обука (ЕЈТН), со што се изразува силната поддршка што ЕУ ја дава на нашата Академија.

Генералниот секретар на Европската мрежа за правосудна обука ЕЈТН Војчех Постулски, рече дека претставува голема чест да се учествува на прославата на десетгодишнината на Академијата.

- Од приклучувањето во 2007 година Академијата праќа учесници на нашите активности, меѓу кои судии, обвинители и обучувачи. Ни претставува чест што бевме дел од развојот на Академијата во изминатите десет години и што ја имаме со нас македонската Академија. Се надеваме на понатамошно зголемување на вклученоста на македонските судии и обвинители во соработката со колегите од ЕУ, рече Постулски.

На новинарско прашање за изјавата на Катица Јанева дека се уште има опструкции и нема ниво на соработка, Арнаудовска рече дека изјавата ја нема слушнато поради работни обврски и не може да ја коментира.

Прашана за тоа дека во Македонија моментално се случува да нема соработка меѓу обвинителства и судови, а зборуваме за меѓународна соработка, Арнаудовска рече дека во поглед на меѓународната соработка ова е 18. регионална конференција на Академијата и дека досега имаат завршено 64 проекти со странски амбасади и организации во кои учествувале над 660 предавачи.

- Тоа зборува за големата поддршка што меѓународната заедница ја дава на македонското судство и со фокус на Академијата. Заради тоа ќе продолжиме на овој пат на остварување на итните реформски приоритети и поголемо наше учество на европската мрежа, рече Арнаудовска.

Во однос на меѓуинституционалната соработка, Арнаудовска, рече дека таа е одлична и заради тоа меѓународната заедница не поддржува со голем број на проекти, бидејќи на тие проекти носител е Академијата, а корисници се и сите други правосудни институции.