Македонија
17. October 2023 - 15:30

Конференција: За искоренување на бездржавјанството потребна е политичка волја за подобрување на законодавството, Северна Македонија лидер во регионот

Бездржавјанството е глобален проблем што афектира милиони луѓе во светот лишувајќи ги од основните  човекови права. Од минатите искуства можеме да кажеме дека решението на проблемот со бездржавјанството не е некој проблем што чини многу. Она што е потребно е политичка волја, која ќе биде преточена во конкретни чекори кои ќе донесат значајни реформи, промени и подобрување на политиките и законодавството. Законските измени што Република Северна Македонија ги направи во изминатиот период, претставуваат цврста основа до крајот на годината да станеме првата земја во Европа која ќе го искорени бездржавјанството.

Ова го истакна шефот на дипломатијата и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи во обраќањето на Регионалната конференција посветена на проблемот со бездржавјанството во Југоисточна Европа што се одржува во Скопје под покровителство на Претседавањето со ОБСЕ на Северна Македонија организирана од Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР), Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства и Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР).

Тој меѓу другото нагласи дека учеството на лицата без државјанство во јавниот живот и нивна инклузија во процесите на одлучување се основни клучни елементи во заложбите на ОБСЕ, и принципите на ОБСЕ се од клучно значење за обезбедување на мирот и безбедноста.

-Со ефективно решавање на овој проблем, можеме да придонесеме за стабилно општество и поправичен и праведен свет. Работиме во корист на луѓето и тоа е водечки принцип во нашето претседателство, додаде Османи и изрази убедување дека никој не треба да биде без државјанство, и да се соочи со последиците од тоа.

Тој при тоа ги пренесе искуствата на Северна Македонија во однос на справувањето со оваа појава.

-Во 2020 година, донесовме нов Закон за нерегистрирани поединци во Матичната книга на родени со цел да овозможиме полесно остварување на општествено-економските права и пристап до јавните сервиси на сите лица кои, поради статусот на апатрид, претходно биле маргинализирани. Во јуни 2023 година, по опсежни консултации со сите релевантни агенции, усвоивме измени на Законот за матичните книги со кои создадовме рамка за системско решение и спречување на нови случаи на нерегистрирани лица. Оваа одлука доволно зборува за јасната политичка волја и посветеност потребни за искоренување на бездржавјанството и обезбедување на правен идентитет за сите нерегистрирани лица, рече Османи.

Статусот бездржавјанство, нагласи тој, не смее да значи автоматско лишување од елементарните човекови права.

-Никој не заслужува да биде спречен да ги остварува своите човекови права. Ниту еден човек, со или без националност, не ја заслужува оваа судбина. За жал, лицата без државјанство се соочуваат со низа ограничувања во однос на нивните општествено-економски права и слободата на движење, континуирано ставувајќи од прогон што е целосно спротивно на основните принципи на хуманизам и елементарна човечност, рече Османи.

Помошникот висок комесар за заштита на УНХЦР Џилијан Тригс, на прес-конференцијата ја поздрави посветеноста на земјава до почетокот на 2024 година да се искорени бездржавјанството и што ова прашање го има во приоритетите како претседавач на ОБСЕ. Таа нагласи дека правото на државјанство е клучното од кое произлегуваат остварувањето на другите човекови права. Бездржавјанството создава тешки последици по индивидуата, и негативно влијае врз општествено-економскиот развој на државите. Во однос на регионот на ЈИЕ, таа го поздрави како што рече вистинскиот прогрес постигнат како резултат на континуираните залага на владите.

-По 12 години од усвојувањето на Декларацијата од Загреб, повеќе од 6000 луѓе во регионот се стекнале со државјанство. Потребна е континуирана политичка волја за целосно искориенување на бездржавјанството. Ова е амбициозна цел, но може да се постигне. Лидерството на Северна Македонија и на останатите земји од регионот е од особена важност во обезбедување на политчката волја и е пример за најдоби практики на глобално рамниште, рече Тригс и ги повика земјите да се вклучат во Глобалната кампања за справување со бездржавјанството.     

Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје Килијан Вал, меѓу другото, го илустрираше напредокот на земјата во решавањето на проблемот со бездржавјанството постигнат како резултат на унапредување на легислативата, која рече може да послужи како пример за регионопт  но и глобално. - Пред 10 месеци кога ја преземав функцијата имаше приближно околу 700 нерегистрирани индивидуи, а заклучно со денес таа бројка е намалена на 216. Се надевам и верувам дека со континуирана поллитичка посветеност ќе бидеме во можност да го намалиме тој број на „нула“ и дека до крајот на годината Северна Македонија успешно ќе го затвори ова прашање, рече амбасадорот Вал според кого земјава го заслужува насловот шампион регионално но и глобално.     

На конференцијата учествуваат претсвници на националните власти и на граѓанското општество од земјава, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и од Србија. Тие ќе разменат најдобри практики за пристап до граѓанска документација и обезбедување правен идентитет, вклучително и регистрација на раѓање, за да се стави крај на проблемот со лицата без државјанството.