Македонија
10. March 2026 - 16:40

Конференција „Фер игра“: Поддршка за родова еднаквост во спортските политики

Спортот и понатаму е машки терен кога станува збор за одлучување. Иако спортистките освојуваат медали и значајни резултати, нивниот глас се уште ретко се слуша во управните канцеларии на спортските организации. Жените се малцинство на позициите на одлучување, а дел од нив се соочуваат и со навреди, притисоци и родово базирано насилство. Ова го покажува итражувањето на „Родова еднаквост и инклузивоност во спортот“ на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

„Само 13% имаат претседателки жени, додека 17 проценти од нив на позицијата генерален секретар се жени. Кога ги прашавме за членовите во нивните генерални собранија позицијата е исто во позитива за мажите. Во смисла, таму тие се застапени со 83 проценти, од кои 10% се мажи со попреченост, жените се застапени со 18%, од кои 3% жени со попреченост“, појасни Александра Савевска, МЦМС.

Според истражувањето, дури 62% од спортистките се соочиле со навредлви или понижувачки коментари, а 35% со агресивно или застрашувачко викање. Вознемирувањето најчесто потекнувало од навивачите. Во помал дел од ситуациите насилни биле соиграчките или од тренерите. А овие несакани ситуации најчесто се случувале за време на натпревар. 

Тешко е да се биде жена во светот на спортот, каде главно доминираат мажите, вели Силвија Митевска која е  директорка на спортска организација.

„Жените од страна го гледаме спортот дизајниран и доминиран за мажот. Така да, една жена да влезе, да се избори за своите права, да биде гласна, да знае каде да се обрати, да знае дека некој од другата страна ќе и го препознае гласот и потенцијалот е исклучително тешко“, изјави Силвија Митевска директорка на спортската организација Sport Social Solutions. 

Спортот е уште една сфера во која политиките  за заштитата на жените остануваат само на хартија. Невладиниот сектор алармира дека се неопходни системски промени за унапредување на состојбите со длабоките родови нееднаквости и заштитни механизми.

Анкетата за родовата еднаквост е реализирана во периодот од јуни до септември 2024 годин преку онлајн прашалник дистрибуиран до националните спортски федерации. Анкетите за насилство биле спроведени од август до декември 2025-та година и ја одговориле 115 активни спортистки во десет спортови.  Анализата е подготвена во рамки на проектот „Фер игра: поддршка за родова еднаквост во спортските политики“, кој е имплементиран од Олимпискиот коимитет на Македонија во соработка со МЦМС, Спорт Социал Солушн и Параолимписки комитет. Проектот е ко-финансиран од Европската Унија.