Македонија
24. јуни 2024 - 7:55

Комуналните претпријатија на обука за имплементација на Скада системот

Скада е современ дигитален систем на управување на технички процеси. Конкретно, за јавните комунални претпријатија е алатка која значително го подобрува функционирањето на системот и целосно го исклучува факторот човек во процесот на водоснабдување.

-Скада системот во Македонија го имплементираат неколку водоводни претпријатија, не се сите, а секое претпријатие е посебна приказна од технички аспект. Тоа значи дека секој град е различен, начинот на водоснабдување е различен и потребно е различно техничко решение за имплементација на Скада-та, во зависност од системите на нивните експлоатициони капацитети на кое ниво се, изјави Дејан Димовски, ЈП „Водовод и канализација“- Скопје

-При имплементација на Скада системот најважни се добрите изведувачи и квалитетната координација со претпријатието, односно, со тимот кој во иднина ќе раководи со системот, изјави Живко Пројевски, ЈКП „Пролетер“- Ресен

Имплементацијата на Скада е неминовност, затоа што тоа е единствено техничко решение кое го унапредува системот. Од тие причини АДКОМ – Здружение на даватели на комунални услуги, организира обуки за своите членови преку размена на знаења и добри пракси да научат како да го модернизираат своето работење и да фатат чекор со современите текови. Јавните комунални претпријатија се големи потрошувачи на електрична енергија, а токму Скада системот максимално ги редуцира сметките за струја.

-Бенефитот е заштеда на електрична енергија, намалување на бројот на дефектите на примарната опрема која се користи пред се на пумпните станици и резервоарите. Се намалува трошокот за сервисирања и одржување на самата опрема и намален е ангажманот на луѓето од техничка гледна точка, затоа што целокупното одржување на системот се префрла од одржување во инцидентни дефектни ситуации во превентивно одржување, додаде Димовски

За управување со Скада системот потребен е стручен кадар, кој во моментот е дефицитарен во скоро секое јавно претпријатие.

-Најголемиот проблем во било која сфера е вие да го обучите кадарот, а потоа ви замине, затоа што секое водоводно прептријатие е специфично само по себе во однос на начинот на производство и дистрибуција на вода- изјави Димовски

Комуналните претпријатија мора да инвестираат во обучен кадар, зашто без стручни лица ниту еден модерен систем не може ниту да се имплементира, ниту да функционира.