Фудбал
22. October 2024 - 11:06

Комити Запад: Актуелното раководство во целост е неспосбно да води клуб како Вардар

Навивачите на Вардар, „Комити”, побараа смена на актуелното раководство на клубот. Тие се незадоволни од резултати на тимот во тековната сезона, како и од состојбата на клубот.

Во продолжение во целост го пренесуваме соопштението на Комити Запад:

Навивачите на фудбалскиот клуб Вардар, незадоволни од резултатите,организацијата и целосната катастрофална ситуација во која се наоѓа клубот, одлучија да се спротивстават, обединувајќи се во голем „НАРОДЕН ФРОНТ-ЗА ВАРДАР”. Како што е веќе познато, по финансискиот крах, клубот за време на изминатите две сезони беше целосно управуван од страна на здружението на навивачите, односно народот кој апсолутно даде поддршка на оваа приказни. Благодарение на нашата напорна работа, но и на помошта од страна на неколкуте Општини, Градот Скопје, како и на многуте компании кои ја видоа нашата искрена намера и се приклучија кон оваа борба, клубот успеа да опстои и по две сезони минати во Втората лига, да се врати во елитата. По завршувањето на минатата сезона, беше постигнат договор помеѓу Здружението ,,35 години Вардарци”, односно ВД раководството на клубот составено од искрени вардарци и навивачи на овој клуб и новата сопственичка структура, на чело со Атилла Бижен Жалили. Верувавме дека ваквиот расплет ќе донесе подобра иднина за клубот, финансиска стабилности дека ќе се воспостави вистински правец по кој ќе се движи клубот, секако незанемарувајќи ги основните постулати на борбата ,,за клубот на народот” за која деноноќно, волонтерски се бореа искрените Вардарови навивачи. Меѓутоа, неколку месеци подоцна, не само ние, туку и целата македонска јавност сведочи за катастрофалната ситуација, во која од ден на ден се повеќе тоне и клубот и приказната која со многу труд и љубов ја создаваа навивачите и народот. Причината за катастрофалниот тек на сезоната ја гледаме во лошата кадровска политика, односно во неформалното раководството на клубот, начело со Миленко Неделковски, кој заедно со својот тим, докажаа дека се во целост неспособни за да водат клуб каков што е големиот Вардар. Поучени од искуството и минатото во кое во неколку наврати сме биле обвинети за виновници, кои не дозволиле влез на нови сопственички структури, овојпат одлучивме да дадеме време и можност, како што од нас побара и самиот инвеститор, иако уште на самиот почеток го потенциравме нашиот сомнеж во капацитет на предложеното раководство. Но, за жал, веќе е и повеќе од јасно дека е потребна промена ВЕДНАШ. Оваа агонија мора да заврши час поскоро, а за тоа да се случи, потребна е масовна мобилизација на сите Вардарови навивачи, симпатизери, на целокупната јавност која ја повикуваме да се приклучи кон оваа борба и да застане повторно во одбрана на клубот.

Во среда, на 23.10.2024, на Арената Тодор Проески во Скопје, ќе се одигра1/8 финалето од Купот на Македонија, помеѓу екипите на Вардар и ГФКТиквеш од Кавадарци. На овој натпревар, од западната трибина јасно и гласно ќе биде искажан ставот на навивачите. Затоа упатуваме апел до сите, да дојдат и да бидат дел од Западната трибина, да бидат дел од НАРОДНИОТ ФРОНТ! Народен фронт за Вардар! Бараме одговорност, бараме професионализам! Бараме инвеститорот да го разреши постоечкото раководство и да постави вистински професионалци кои Вардар ги заслужува. Натпреварот ќе биде одигран во 14:00 ч. а најважно од се е, сите заедно да бидеме обединети на западната трибина. Без разлика дали сте Комити, Вардарци, навивачи или симпатизери, сите заедно рамо до рамо. Западната трибина повторно застанува во одбрана на нашата светост. Тука се брани Вардар, тука се брани приказната за ,,клубот на народот”, тука се брани црвено-црното! – стои во соопштението на Комити Запад.

По десет кола во Првата македонска фудбалска лига Вардар е на претпоследното 11. место со седум освоени бода.