Колкави плати земаат директорите и вработените во М-НАВ?
Македонска контрола за европски плати - тројцата директори на М-НАВ се меѓу најплатените државни менаџери. Нивната месечна бруто плата достигнала и до 6.100 евра во 2022 година.
На сајтот на М-НАВ биографија има само за досегашниот претседател на Управниот одбор.
„Г-дин Хамиди има огромно искуство од 25 години во воздухопловството заземајќи проминентни работни позиции, како оперативни така и менаџерски. Г-динот Хамиди е истакнат експерт во воздухопловната индустрија со акцент во полето на системот за безбедност“, стои меѓудругото.
Не се ниски ниту платите на останатите вработени, па затоа М-НАВ важи за најпосакувана државна компанија за вработување.
Според извештајот за третото тримесечје од 2023, М-НАВ реализирале приход од 496 милиони денари. Речиси половина од парите заминале за плати - над 226 милиони. Со остатокот плаќале дневници за службено патување и патни трошоци, поштенски и телефонски услуги и интернет, потрошена енергија...
Ако се земе предвид бројката дека вработени биле 304 лица, тоа значи дека за нив следува 4.300 евра бруто плата месечно.
Интересно е и тоа што за само три месеци, одвоени се над 880 илјади денари за физичко обезбедување.
Според извештајот, М-НАВ има две сметки во една банка. Една денарска од речиси 2 милиони денари и девизна од над 8 милиони евра.
М-НАВ е непрофитабилно трговско друштво кое не се финансира од буџетот на Република Македонија туку од средства кои ги добива од Еуроконтрол - суверено тело кое го менаџира европското небо.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар