Кој ќе се грижи за децата додека нивните наставници се борат за повисоки плати?
Сè уште не се знае кој ќе ги чува децата доколку од понеделник се воспостави генерален штрајк во градинките и училиштата.
Уште само пет дена до генералниот штрајк, а нема најави за средба меѓу Владата и Синдикатот и нов обид за решавање на проблемот. Надлежните се повикуваат на законот, кој пропишува да се најдат заменски воспитувачи и наставници, со цел да не се губи настава. За СОНК тоа е закана и кршење на правото на штрајк.
„Тоа го толкуваме како вид на притисок врз членовите на синдикатот и сите други кои што ќе пристапат кон штрајкот, притисок во однос да се попишманат и да се предомислат да не влегуваат во штрајк преку разни закани. Навистина мислам дека не е многу нити мудро, ниту паметно да се врши притисок и да се врши закана кон оние кои што ќе штрајкуваат дека на нивно место некој друг ќе дојде и ќе ја извршува нивната работа“, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.
Од Министерството за образование нема информација за конкретен план како да се овозможи непречена настава и дали има доволно кадар за замена.
-Правото на образование е загарантирано со Уставот и законите и образовните установи се должни тоа да го овозможат. Во отсуство на наставник или наставници, предвидена е можност за ангажирање на заменски кадар, во интерес на учениците и непречена едукација. Спроведувањето на законите го контролира Државниот просветен инспекторат, пишува во одговорот од МОН.
Во СОНК се зачудени. Прашуваат од каде државата ќе најде над 20.000 лица кои би можеле да ги заменат наставниците кои ќе штрајкуваат.
Психолозите сметаат дека е неопходна поголема грижа за наставниците, бидејќи децата се приврзуваат кон нив. Промената на воспитно-наставниот кадар ќе влијае на децата, особено на тие на помала возраст.
Друг проблем е дали и колку ќе се изгуби од училишната година. Средношколците веќе реагираа.
Од Синдикатот ветуваат дека учениците нема да бидат оштетени.
„Нека бидат безгрижни и учениците и нивните родители дека нивните ученици ќе бидат сигурно дополнително едуцирани не надвор од работното време, не надвор од 10 јуни итн. Така да, се ќе си оди според планот така како што е предвидено“, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.
Ова е трета учебна година по ред со скратена настава. Со прогласување на пандемијата во март 2020 беше прекината школската година. Следната започна со еден месец задоцнување и тоа онлајн. Со физичко присуство учеа само најниските одделенија. А годинава, исто поради пандемијата, првата одлука што ја донесе новоформираната Влада беше да се продолжи зимскиот распуст.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар