Живот
30. April 2018 - 9:42

Кои се неуморните телохранители на Ким: Имаат број место име, а контактот со семејствата им е забранет

Во петокот, целиот свет со воодушевување го следеше состанокот на лидерите на Северна и Јужна Кореја, Ким Џонг-ун и Мун Џае-ин. За време на самитот, беа склучени голем број важни договори меѓу двете земји, а сликите и снимките направени во текот на овој состанок ќе влезат во историјата. Посебно внимание во јавноста предизвика видеото на кое се виде како групата телохранители на севернокорејскиот лидер трчаат по неговиот автомобил додека тој е во движење.

Сите светски медиуми ја објавија веста за неговата лична придружба што не се одвојува од него и обраќа внимание на сите можни детали. Дури и столот на кој седел Ким претходно бил дезинфициран од страна на неговото лично обезбедување.

„Франс прес“ објави дека обезбедувањето на Ким е внимателно бирано низ строга селекција – според физичката форма, еластичноста, храброста и степенот на познавање на боречки вештини.

Инаку, овие телохранители се дел од Врховната гарда која е задолжена да го штити владејачкото семејство во Северна Кореја. Актуелен командант на гардата е Јун Џонг-рин. Според официјалната историја, гардата учествувала и во Корејската војна, а нејзините редови дале 72 херои на трудот и 28 херои на републиката. Првите единици биле создадени во 1946 година, а од 1970 до средината на 90-тите години на минатот век тие биле дел од Одделот за државна безбедност. Ким Џонг-ил извршил реорганизација на гардата, така што во време на своето владеење отпуштил десетина офицери и ја проширил групата на приватни телохранители за 200 лица, а истата ја нарекол „Единица 2.16“.

Телохранителите биле поделени во две групи – Оддел 1, кој го штител Ким Ил-сунг и Оддел 2, задолжен за безбедноста на Ким Џонг-ил. За потребите на гардата, постојат регрутни кампови низ целата земја, а постојат и нејзини седишта кои обично се близу до официјални резиденции.

Гардата исто така ги надгледува воените и партиските личности со цел да ја осигура безбедноста на семејството Ким. Овие единици користат и артилериски и оклопни возила за заштита на раководството на земјата.

Физичките предуслови за да се стане член на оваа елитна група се регрутот да нема лузни по лицето и да има пропорционално градено тело. На потенцијалните кандидати им се проверува семејната историја и партиската лојалност. Откако ќе бидат избрани, добиваат идентификациски број, додека сите останати лични податоци им се бришат, а контактот со семејствата им е забранет. Само еден член од едно семејство може да работи како телохранител.

Регрутите потоа одат на обука во специјални кампови, која обично трае две години. Обуката вклучува изучување на теквондо, стражарење, маршеви долги 25 километри и тактики за изведување на специјални операции. Според Ох Јанг-нам, поранешен член на Одделот за државна безбедност, Врховната гарда има објавено и книга од 300 страници, во која детално се опишува обуката на регрутите.