Македонија
16. March 2021 - 14:09

Коциќ: Неоснованата интерпелација за Филипче е кулминација на неодговорното дејствување на ВМРО-ДПМНЕ против здравствениот систем

Од почетокот на пандемијата со коронавирусот, од ВМРО-ДПМНЕ гледаме само неодговорно, деструктивно однесување на штета на јавното здравје, на штета на здравствениот систем.

Тоа незрело, неодговорно дејствување на ВМРО-ДПМНЕ кулминира со конструирани случаи и денешното барање за отповикување на министерот за здравство доктор Венко Филипче.

Очигледно е дека  Христијан Мицкоски и останатите функционери на ВМРО-ДПМНЕ се патолошки опседнати со провизии.

Нема друго логично објаснување за нивното упорно ширење лажни вести. Изгледа се уште живеат заглавени во филмот на нивниот режим, кога речиси и да не постоеше јавна набавка во која не постоеше провизија за „фамилијата“ и ВМРО-ДПМНЕ.

Токму затоа и во напорите и обидите на Владата и Министерството за здравство да обезбедат вакцини, тие задолжително и по автоматизам гледаат провизија. Срамно е да се прават обиди за политичко профитирање преку креирање лажни скандали кои се поврзани со јавното здравје на сите граѓани, без разлика на етничка, верска и политичка припадност.

Кога во светот буквално се води трговска војна да се обезбедат вакцини, ВМРО-ДПМНЕ заради тесно партиски интереси, свесно и со умисла му наштетува на угледот на државата.

ВМРО-ДПМНЕ создава атмосфера на јавен линч на секој кој ќе се обиде да помогне во набавката на вакцините и со тоа намерно ги одвраќа економските оператори да бараат легални канали и да лобираат за земјата побрзо да обезбеди доволна количина вакцини за масовна имунизација на населението.

Буквално до пред некој ден на ВМРО-ДПМНЕ му пречеше затоа што наводно институциите биле спори во набавката на вакцини, а денес критикуваат зошто институциите прават напори да обезбедат вакцини од што е можно повеќе производители. Нека се одлучат што точно им пречи.

Едноставно, опозицијата не може да излезе од режимската матрица и се уште наивно верува дека колку полошо е за граѓаните, толку подобро ќе биде за ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата која е синоним за висока корупција, ВМРО-ДПМНЕ, која во периодот 2006-2016, располагаше и потроши повеќе од 30 милијарди евра народни пари, нема кредибилитет било кого друг да обвинува за провизија.

ВМРО-ДПМНЕ овде во Собранието, но и надвор од него, е поставено на страната на криминалот, против интересите на граѓаните и нивното здравје.

Наместо конструктивност, ВМРО-ДПМНЕ со блокади се обидува да ги спречи сите важни процеси кои се во интерес на државата и граѓаните.

Она што навистина им пречи е високиот степен на доверба на министерот Филипче и целиот здравствен систем коишто покажаа како треба да се справува во една здравствена пандемија.

Очигледно сето ова е резултат на фрустрацијата што Мицкоски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ не можат да го одбранат криминалот во својата партија, што правдата ги стигнува сите, па дури и оние за кои се мислеше дека се недопирливи.

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се поразени од граѓаните, од правдата и од институциите. Без разлика на нивното деструктивно и антинародно однесување, реформите ќе продолжат.

И оваа интерпелација како и претходните нема да успее и ќе биде забележана како нов дебакл на партијата предводена од докажаниот губитник Мицкоски.

Прес-конференција, Ненад Коциќ, пратеник на СДСМ