Македонија
23. November 2016 - 13:40

Книгата „Јазик на омразата“ од Ненад Живановски наградена во Бугарија

Книгата „Јазикот на омразата“ од македонскиот автор д-р Ненад Живановски е добитник на овогодинашната специјална награда и плакета во категоријата за документаристика, публицистика, научно истражување во областа на журналистиката и медиумите, која традиционално ја доделува Сојузот на бугарските журналисти (СБЖ), објави дневниот весник „Дума“.

- Во книгата авторот во теоретскиот дел детално мултидисциплинарно го анализира феноменот на современата комуникација - јазик на омраза, додека во емпириското истражување, преку методот критичка анализа на дискурсот, ги проучува пишувањата на македонските медиуми за Бугарија и дали во нив се користи јазик на омраза, се наведува за книгата.

Во образложението за номинацијата за наградата се посочува дека книгата „Јазикот на омразата“ е најсолидното научно истражување во бугарската научна литература за оваа тема.

Во долгогодишната традиција на СБЖ за доделување на оваа награда, ова е првпат еден странски автор да биде награден.

Книгата „Говор на омраза“ на Ненад Живановски, освен на бугарски јазик е објавена и на македонски и на англиски јазик, а преку глобалниот дистрибутер на книги Амазон бук е достапна на читателите ширум светот.