Loading Video...
Свет
11. April 2026 - 16:33

Клучни преговори САД–Иран во Исламабад

Почнаа разговорите за евентуален прекин на воените дејствија меѓу Соединетите Американски Држави и Иран. Во строго обезбедени услови, во пакистанската престолнина Исламабад под покровителство на тамошните власти почнаа разговорите за ставање крај на шестнееделниот конфликт.

Средбите се одржуваат во луксузниот хотел „Серена“ кој е испразнет од гости и ставен под целосна државна контрола, додека пристапните улици се затворени и ги обезбедуваат силни полициски и воени сили.

Американската делегација ја предводи потпретседателот Џеј Ди Венс, а во неа се и специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Тие утрово пристигнале во Исламабад со два авиона на американските воздухопловни сили, од шефот на пакистанската дипломатија, како и високи воени официри на тамошната армија.

Иранската делегација, предводена од претседателот на парламентот Мохамад Багер Галибаф и министерот за надворешни работи Абас Арагчи, пристигнала уште вчера. Според иранските медиуми, тие дошле облечени во црно, во знак на жалост за загинатите во конфликтот.

Пред почетокот на директните разговори, двете делегации имале одвоени средби со пакистанските посредници, кои активно учествуваат во процесот и се обидуваат да го олеснат дијалогот меѓу двете страни.

Доколку се потврди дека разговорите се водат директно, тоа би биле првите директни разговори меѓу Вашингтон и Техеран од 2015 година, а воедно и највисоко ниво на контакт меѓу двете страни од Исламската револуција во 1979 година наваму. Разговорите се одржуваат во услови на кревко примирје, додека светот внимателно следи дали ќе биде постигнат дипломатски пробив.