Свет
30. April 2020 - 8:52

Клиничко испитување во САД покажа побрзо закрепнување со лекот „ремдесивир“

Пациентите со Ковид-19 кои го користеле лекот „ремдесивир“ закрепнале 30 проценти побрзо отколку оние на плацебо, покажуваат резултатите од големо американско клиничко испитување.

Тоа е првпат клиничко испитување, спроведено согласно златните правила на клиничките испитувања – тестирање на лек со контролна група и на доволно голем примерок, да покажа ефикасност на некој лек против новиот коронавирус.

Американскиот национален институт за алергија и заразни болести (НИАИД), кој го спровел истражувањето, објави дека пациентите кои користеле „ремдесивир“ закрепнале 31 отсто побрзо отколку оние на плацебо.

– Просечното време на опоравување кај пациентите третирани со ремдесивир беше 11 дена во споредба со 15 дена за оние во контролната група, соопшти институтот НИАИД.

Истражувањето покажало дека пациентите кои го земаат тој лек имаат помали шанси да починат, иако разликата била мала. Стапката на морталитет била осум проценти на „ремдесивир“, во однос на 11,6 отсто за плацебо групата.