Македонија
17. July 2020 - 16:43

Ќе се урива ли дивоградбата пред Мавровка?

Ќе се урива објектот во градба пред Мавровка. Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, во телефонски разговор за Сител вели дека постапката за уривање е веќе почната а за тоа бил информиран и инвеститорот. Според Ганиу, на почетокот од идната недела ќе утврди кога ќе почне уривањето.

И покрај ова, на објектот се работеше и денеска.

Металната тенда од времен карактер на оваа локација сега ја заменија столбови широки еден метар поставени на цврста бетонска подлога. Во моментов се работи на поставување на втората армирана плоча.

На местото каде интензивно се гради, претходно се наоѓаше кафулето Фонтана кое во мај изгоре до темел.

По барање на сопственикот, минатиот месец општина Чаир дозволила реконструкција на објектот, но наместо враќање во првобитната состојба, на локацијата почна да се гради бетонска конструкција.