Македонија
27. August 2024 - 16:34

Ќе се проверува како се разрешуваат судии

Половина од судиите во Македонија не веруваат дека Судски објективно ги води дисциплинските постапки. Сметаат дека процесот е подложен на влијанија.

„Се уште голем број на судии во последното истражување на ОБСЕ во однос на ризиците од корупција , проценките за коруптивните ризици, се уште некаде околу 52 проценти од судиите сметаат дека оваа постапка пред судскиот совет не се одвива непристрасно и објективно. Главните ризици одат за политизација, партизација или корпоратизам од т.н „судски елити“, изјави Денис Прешова, Правен факултет „Јустинијан први“.

Дали казнувањето и разрешување на судиите се прави по нарачка, ќе анализираат невладините со поддршка на Британската амбасада. За урнек побарале 20тина дисциплински предмети водени во претходните четири години.

„Целта на проектот е да се следи отчетноста на судскиот совет во постапки кои се водат против судиите во кои има донесена одлука за разрешување на одреден судија или претседател на суд или пак е изречена некоја дисциплинска мерка“, изјави Ивана Петковска, Коалиција „Сите за правично судење“.

Судиската фела очекува поголема вклученост, иако, во своите редови препознаваат незаинтересираност за состојбите кои директно ги засегаат. Советот пак гледа можност за откривање на слабостите при водење на дисциплиснките постапки.

„Голем дел од процесите кои се одвиваа и се одвиваат во нашата земја во правосудството, минуваат покрај нас иако се однесуваат на судиите за жал мораме да детектираме дека постои една пасивност“, изјави Ѓорѓи Андонов, Заменик Претседател на Здружение на судии.

„Добро е да се детектираат сите слабости и добро е да се размисли на отварање на тие постапки за јавноста. Го слушнав професоре од Вас, да не летаат глави, Судскиот совет, верувам дека и во изминатиот период немал намера да летаат глави, меѓутоа можеби токму поради затворање на тие постапки за јавноста се добивал таков впечаток“, вели Весна Дамева, Претседателка на Судски совет.

Дисциплинските постапки за судиите се водат во најголема тајност, а судскиот совет не открива ниту кој заради нестручност ја губи судиската функција.