Македонија
29. January 2024 - 16:38

Ќе има ли зголемување на цените за студирање на државните факултети во земјава?

Ќе има ли зголемување на цените за студирање на државаните факултети во земјава од следната година? Управата на УКИМ го отвори ова прашање, потврди ректорката за Сител, но за заклучоци се уште е рано. Сега се прибираат мислења за тоа дали треба се врати праксата од пред 10 години, кога студентите за студирање во државна квота плаќале 400 евра, а за приватна 800.

„Ако дојде до покачување на цените, разликата УКИМ ќе бара да биде покриена од МОН, односно ништо да не падне на товар на студенскиот стандар“, кажа ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова.

Ваквото барање би стигнало до Влада во месец март, во месецот кога УКИМ континуирано ги поднесува конкурсите за одобрување. Во конкурсните услови се дефинираат квотите, државните и приватните, како и цената за студирање.

„Тогаш, во тоа барање преку Националниот совет би се дефинирало и ова наше барање, меѓутоа ќе биде условено, како што беа и заклучоците на ректорската управа. Доколку овие разлики во цени ги плати министерството за образование, тогаш одиме со овие школарини, значи никако нема да падне на товар на студентите. Доколку такво нешто не биде одобрено од Владата, тогаш остануваме со старите цени“, дополни ректорката Ангелова.

Но во месец март, Македонија се уште ќе има т.н. Пржинска влада, што практично значи дека во тој период таа ќе нема дозвола да одвојува дополнителни средства за нови барања.

Во меѓувреме, студенските организации се на нозе и бараат да бидат вклучени во процесот. Стојат на ставот дека доколку има одлука за зголемување на партиципацијата, таа да не падне врз грбот на студентите.

„Не и се познати на јавноста, ниту на студентите механизмите за тоа како зголемената партиципација којашто е за студентите би ја подмирувало министерството за образование, така што сето тоа зависи од институциите, од механизмите коишто ќе ги имплементираат, а од друга страна сепак опцијата да падне товарот на студентите е неприфатлива“, изјави Анисија Угриновска, претседателка на ОДАС.

Од МОН упатуваат смирувачки тонови. Велат дека студентите ќе си ги плаќаат истите износи за државната и за квотата со кофинансирање кои важат во моментов.

„Во комуникација со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, добивме информација дека ректоратот побарал мислење од факултетите и единиците во состав, за тоа дали износите кои во моментов се плаќаат се оправдани или можеби треба да претрпат одредени корекции. Но, тоа е интерно инициран процес“, велат од МОН.

Уверуваат дека ниту една одлука која го засега нивниот образовен процес нема да биде донесена без да бидат вклучени организациите кои ги застапуваат идните академски граѓани.