Ќе има ли државна матура за матурантите?
Веќе една недела трае неизвесноста дали матурантите ќе полагаат државна матура поради штрајкот на вработените во ДИЦ.
Незадоволни од примањата, вработените во ДИЦ ги стопираа сите процеси што се во нивна надлежност, а со тоа и финалниот испит на средношколците од кои зависи уписот на факултет.
Од синдикатот велат до сега немаат никаков одговор од Министерството за финансии од каде побараа да се даде согласност на веќе потпишаните измени на колективниот договор. Додека не се најде решение ќе штрајкуваат, а со тоа нема да ги реализираат ниту меѓународните тестирања ниту државната матура.
Директорката на ДИЦ вели не го оспорува правото на штрајк кое е уставно загарантирано, но апелира да се најде решение.
„Јас како раководител не го оспорувам правото на штрајк, тоа е уставно загарантирано право. Но и правото на образование е уставно загарантирано право и сметам дека образовниот циклус не треба да трпи последици, затоа апелирам на изнаоѓање решение“.
Министерот за образование за Сител вели побарал од ДИЦ да се реализира државната матура и да се најде решение за барањата на вработените. Средношколците се револтирани што сите проблеми паѓаат на товар на учениците и бараат институциите брзо да реагираат.
Првиот испит од државната матура по мајчин јазик е закажан за 27 мај.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар