Македонија
23. August 2024 - 16:39

Ќе има ли бесплатен автобуски превоз за студентите?

ЈСП три години доброволно ги вози студентите бесплатно. Претходната Влада не ја продолжила одлуката во време на пандемијата со коронавирусот, кога наставата беше онлајн. Во соопштение од пред 2 години министерството за образование ветува дека ако студентите се вратат со физичко присуство ќе обезбедат средства за бесплатен превоз, но и покрај тоа, досега не предвиделе и не исплатиле пари. Затоа и новата министерка Јаневска вели дека нема основа за подмирување на овој долг.

„Нема правен основ по кој министерството за образование би го исплатило тој долг. Нема спогодба, нема договор, нема владина одлука. И да сакам, не можам. А јас сакам студентите да имаат слободен превоз и за следната година ние планираме средства за слободен превоз за студентите“ – Весна Јаневска, министерка за образование

Јавното сообраќајно претпријатие нема да ја укине оваа можност за студентите. Директорот Кушовски за Сител вели работите се движат во позитивна насока.

„Работите одат натаму да се реши проблемот. Има позитивен импулс за решавање на состојбите од сите инволвирани страни, со цел претходната ситуација што е настаната, од кои причини не знам, но сега има имплус да се решат работите позитивно за студентите и за граѓаните“ – Драги Кушовски, директор на ЈСП

Кушовски вели дека сега ЈСП располага со околу 190 автобуси, а за да биде пополнет летниот возен ред, потребни се 235. Уште повеќе автобуси ќе бидат потребни за зимскиот ред кој почнува со стартот на учебната година.

Од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите бараат од Градот Скопје повеќе да се посветат на овој проблем.

„Како проблем го лоцираме моментот дека автобусите најчесто се неисправни, доцнат, линиите се откажуваат. Не е пријатно да се чека на автобуска саат време. Стигнувањето до училиште и факултет сметаме дека е најголем проблем овде, бидејќи учениците нема да можат да стигнат на време на своите часови, а дали и воопшто ќе може да стигнат“ – Анисија Угриновска, ОДАС

Угриновска вели студентите и средношколците веќе разговараат за заменски превоз, ама на велосипед и тротинет е ризично оти временските услови ќе се влошат, а со такси е скапо.

„Најчесто се зборува за алтернативи како тротинет, велосипед, автомобил или такси. Тоа навистина е поскапо. Едно такси може да чини 300 денари па и нагоре, што не е малку. Тоа може да удри по џебот на студентите и средношколците. Ако се одлучат за поисплатливи опции, постои заканата од лошо време, понатаму немаме ниту доволно регулирани велосипедски патеки“ – Анисија Угриновска, ОДАС

Вчера претседателот на градскиот совет, Славески кажа дека Владата е подготвена дел од парите што стојат неискористени за инфраструктурен проект, итно да се префрлат на сметката на ЈСП за поправка на расипани возила. По проценка на ЈСП  - 30 автобуси би можеле да бидат поправени и да се стават во функција.