Македонија
29. May 2022 - 21:03

Касами ќе бара помош од Владата за Тетово да се справи со последиците од невремето

Општинскиот Kризен штаб попладнето во Тетово одржа седница поради невремето во градот и причинетите материјални штети по имотите на граѓаните и институциите на локално ниво. Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами информираше дека за надминување на состојбата ќе се бара помош и од Владата.

-Неадекватните инвестиции во делот на атмосферската канализација дадоа резултат на тоа повеќе од улиците, повеќе од булеварите и  кружени текови да бидат блокирани и беа под вода. За жал, дел од таа вода отиде во подрумите на куќите, особеново делот кај Тетовчанка, Тетекс, и во целото градско подрачје кое е во долниот дел на градот. Исто така беа поплавени некои од јавните институции во ситуацијата, училишта и градинки. Од сабајле сум на терен со противпожарната и спасителна екипа во рамките на Општина Тетово каде интервениравме и дел од проблемите ги решаваме во од. Во ситуацијата интервенираме и за испумпување на водата од подрумите на граѓаните, изјави Касами.

Кризниот штаб донесе и повеќе заклучоци според кои ќе се бара помош од Владата за надоместување на штетите, чистење на речните корита, како и помош и од град Скопје за чистење на улиците.

-Ќе воспоставиме контакт број за пријавување на штетите од страна на граѓаните,воспоставување континуирана комуникација со Центарот за управување со кризи, полицијата и Дирекцијата за заштита и спасување во врска со преземањето на мерки на претпазливост за избегнување на поголеми штети. Да се интервенира во делот на атмосферската канализација (долгорочно) и да се провери исправноста на водата за пиење, истакна Касами.

Градоначалникот рече дека будно се следат состојбите и во шарпланинските села како Шипковица и Бродец. Таму вчера имаше одрони на патот кои се расчистија, додека денеска немаше нови проблеми и штети.