Македонија
14. April 2024 - 16:34

Како ќе функционираат клиниките со утрешниот генерален штрајк на приватните специјализанти?

Хируршките клиники, интерни, гинекологија, детска, од утре остануваат без 400 доктори. Лекарите на приватна специјализација од комплексот Мајка Тереза стапуваат во генерален штрајк - нема да прегледуваат пациенти, да одат во операциони сали, да водат медицинска евиденција и да дежураат се до исполнување на нивните барања.

-Тоа значи дека нема да се појавиме на своите работни позиции, нема да ги извршуваме работните обврски и да дежураме. Ќе штрајкуваме додека не ни се исполнат нашите барања, тоа се покачување на месечниот надоместок, здравствено осигурување и договор како да го решиме понатаму нашиот статус, вели д-р Христина Илиоска Чешлароска, привате специјализант по интерна медицина.  

Приватните специјализанти со месеци бараа од здравствените власти да имаат слух за нивната позиција и да не бидат потценети, туку вистински да биде вреднуван нивниот труд. Не наидоа на разбирање и затоа се одлучија за овој чекор за кој побараа и разбирање од пациентите.

-Работата претпоставувам дека ќе трпи, тоа ќе мора клиниките да си го изменаџираат бидејќи ние навистина држиме доста амбуланти, смени и дежурства и сето тоа ќе се одрази врз работата на Клиничкиот центар, вели Чешлароска.

Чешлароска вели дека засега немаат никакви опструкции од менаџери на клиники или постарпи колеги што нема да работат.  И од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари ги охрабрија сите притисоци или закани да ги пријават кај нив.

Оваа категорија на лекари кои од свој џеб ја плаќаат специјализацијата добија право на месечен надоместок пред 5 години и негова корекција согласно порастот на минималната плата.  Но останаа на 26 000 денари, се водат како невработени со договор на дело без ниту еден ден стаж, без платено пензиско и здравствено осигурување. Специјализантите од женски пол немаат ниту платено породилно отсуство.