Кадровски промени и во комисијата со Грција - Претседателот Габер бил на разговори во МНР
По историската комисија со Бугарија и Комитетот за историски, археолошки и образовни прашања со Грција ќе трпи кадровски промени. Ваквата можност ја најави премиерот Мицкоски кој вели за ова прашање ќе се консултира со министерот Муцунски.
Според извори на Сител претседателот на Комисијата Виктор Габер веќе бил на средба во МНР да образложи што досега сработеле. Средби со грчките колеги редовно одржувале, но дали и темата за кадровски промени била на маса во министерството не се споделува. Последен пат се сретнале во март годинава. Тогаш МНР излезе со кусо соопштение во кое се вели дека
Двете делегации се согласија да продолжат да работат согласно одредбите на Преспанскиот договор. Заедничкиот интердисциплинарен комитет, ја изразува својата посветеност на обврските стипулирани во договорот во Преспанскиот договор, се наведува во кусото соопштение на МНР.
По шест години откако беше формиран Комитетот, македонската јавност одвај дозна кои се членови, ама за што преговараат и какви заклучоци се донесени, се држи во најголема тајност.
Дел од членовите од комисијата со кои стапивме во контакт не сакаат да споделуваат никакви информации, освен дека месецов им е закажана нова средба со грчките колеги во Солун.
Експертите пак очекуваат заосотрување на односите во оваа комисија, особено со најавите на владата да се именуваат нови лица во составот.
Комитетот кој беше формиран по потпишувањето на Преспанскиот договор, има задача да го разгледува научното толкување на историските настани засновано на докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди.експертите согласно договорот, ќе можат да бараат и бришење на делови од учебниците каде грчката страна ќе препознае иредентизам.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар