Македонија
31. January 2019 - 13:00

Кабинет на претседателот на Владата на РМ: Ги демантираме неточно пренесените информации од интервјуто на премиерот Заев за Н1ТВ

Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија ги демантира вестите што ги објавија некои од новинските агенции и медиуми (Н1 Србија, Танјуг и др.) во кои се наведува дека премиерот Зоран Заев, во интервјуто за Н1ТВ БиХ (емитувано на 30 јануари), рекол дека поранешниот премиер Никола Груевски пред бегството во Унгарија се сретнал со Претседателот на Србија Александар Вучиќ и со премиерот на Унгарија Виктор Орбан. Тоа не е точно.

Во прецизниот одговор на прашањето на новинарот на Н1ТВ БиХ „Во која мерка бегството на претходниот премиер на Македонија Никола Груевски во Унгарија и информацијата дека актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски се состанувал со Вучиќ пред бегството на Груевски, ги поремети односите меѓу вас и Вучиќ?’, премиерот Заев вели дека „Значајно е да се напомене дека пред бегството, шефот на ВМРО-ДПМНЕ и наследник на Груевски бил и кај Орбан и кај претседателот Вучиќ“ и дека таа информација е позната и објавена, но дека јавноста остана без објаснување за што се разговарало на тие средби.

Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија укажува дека сите вести пренесени врз основа на оваа неточна информација се всушност дезинформации односно лажни вести.

Со цел граѓаните вистинито и објективно да бидат информирани, и да се поправи направената штета, Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија, упати демант до медиумот што го емитуваше споменатото интервју, како и до агенцијата која што пренесе делови од ова интервју како дезинформација, и очекува дека јавноста да биде известена за грешката, односно дека ќе и биде пренесена точната информација.

Во прилог на оваа соопштение пренесуваме и транскрипт на делот од интервјуто за Н1ТВ БиХ од кој се гледа што точно кажал премиерот Заев, како и линк до интервјуто објавено на веб страницата на овој медиум.

Владата на РМ, истовремено жали за настанатата ситуација и повикува на објективно информирање како особено значаен фактор за унапредување на односите меѓу соседите во регионот за кои Република Македонија ги вложува своите максимални усилби и добра волја.

Транскрипт на спорниот дела од интервјуто на премиерот Заев за Н1ТВ БиХ:

Н1: Го спомнавте неколку пати Претседателот на Србија Вучиќ, и сакам да ве прашам уште нешто. Во која мерка бегството на претходниот премиер на Македонија Никола Груевски во Унгарија и информацијата дека актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски се состанувал со Вучиќ пред бегството на Груевски, ги поремети односите меѓу вас и Вучиќ?

Премиерот Заев: Значајно е да се напомене дека пред бегството, шефот на ВМРО-ДПМНЕ и наследник на Груевски бил и кај Орбан и кај претседателот Вучиќ.

Н1: Имате сигурни информации за тоа?

Да, да. Тоа е и објавено во јавноста и при тоа не е објаснето за што се разговарало. До ден денеска тоа остана тајна. А Груевски побегна од Македонија…

Н1: Само да ја потсетиме публиката дека тој (Груевски, н.з.) тука е осуден на затворска казна за злоупотреба на функцијата!

Премиерот Заев: Со конечна пресуда. Значи не во постапка…

Н1: Добро, но експертите велат дека не е невозможно да се стигне до Унгарија без поддршка на некои од вашите соседни земји?

Премиерот Заев: Јас сум внимателен политичар. Градам добри односи со сите (соседи, н.з.). Кога ќе заврши истрагата ќе ги соопштиме сите информации…

http://ba.n1info.com/Video/Pressing/a312797/N1-Pressing-Zoran-Zaev-30.1.2019.html