Свет
8. August 2017 - 9:44

Јужноафриканскиот претседател би можел да биде сменет од функцијата

Јужноафриканскиот претседател Џејкоб Зума се сочува со закана да биде сменет од должноста, откако спикерот на Парламентот во Преторија се согласи денеска да се одржи тајно гласање за доверба на шефот на државата.

Ваквата одлука е донесена откако опозицијата и политичките противници на Зума го покренаа случајот со начинот на кој ќе се гласа за доверба пред Уставниот суд на Јужна Африка.

Зума веќе седум пати досега успеа да остане на функцијата по гласањето за неговата доверба, но во сите досегашни случаи гласањето на пратениците беше јавно.

Опозициските пратеници веруваат дека доколку гласањето е тајно, многу од пратениците од владејачкиот Африкански национален конгрес (АНЦ) би гласале против својот партиски лидер и претседател, сметајќи на длабоката поделеност и долгата криза во партијата што ја основаше Нелсон Мандела.

Според јужноафриканките закони, спикерот одлучува како ќе се гласа за доверба на претседателот.

Сегашната одлука, прв пат да се гласа тајно во јужноафриканската политичка јавност се оценува како изненадување и како знак за „сериозната закана“ кон актуелниот претседател.

Тоа значи дека доколку на Зума му биде изгласана недоверба, земјата уште доцна попладнево може да има нов претседател, иако тој би бил привремен.

За ваквиот развој на работите потребно е најмалку 50 од вкупно 249 пратеници на АНЦ да гласаат против својот политички лидер. Доколку биде приморан да се повлече од функцијата претседател, Зума ќе може да остане лидер на АНЦ.

Зума е обвинуван за корупција и за злоупотреба на службената должност, како и за илегално користење на јавните фондови.

Неговата политичка иднина стана неизвесна, откако во март годинава го смени популарниот министер за финансии Правин Гордхан.

Ваквиот потег на Зума предзвика и јавен револт кога медиумите открија дека тој е „премногу близок“ со богаташкото семејство Гупта, за кое се тврди дека има силно влијание врз претседателот кој дозволува семејството да се меша во домашната политика.

Јужноафрикаската јавност верува дека Зума го сменил министерот Гордхан на барање на семејството Гупта.