Македонија
25. April 2020 - 8:18

Јубилеј на најстарото македонско научно друштво

На 25 април 1960 година во Битола е формирано најстарото македонско научно друштво, кое основачите го именуваа како Друштво за наука и уметност, а од пред 20 години оваа Асоцијација на интелектуалците прерасна во Македонско научно друштво (МНД) – Битола.

Асоцијацијата што ја формиравме со својата активност даде свој придонес во политиките за развојот на образованието, науката, културата и уметноста во нашиот град, вели м-р Јован Д. Кочанковски (89 г.) и додава, еве случајно само јас останав жив од сите иницијатори и основачи на ДНУ – Битола.

– Јас сум возбуден и среќен. Возбуден, бидејќи на 60-годишнината од формирањето на Друштвото ми се навраќаат спомените на неговите основачи од кои, за жал, мнозинството се починати. За формирање научно друштво во Битола иницијатори беа браќата Душан и Милош Константинови. Сè уште се сеќавам на тој 25 април, од таа 1960 година. Пролетен, со мирис на расцутената природа, ден достоен за дружење, за инспирација и за иницијатива. Тогаш, на 25 април 1960 година, на улицата „Булевар 1 Мај“ бр.175, од левата страна на реката Драгор, каде што времено беше сместен Околискиот државен архив (денешен Ректорат), архивистот и директор Милош Константинов ги прифати непланираните гости. Тоа беа група млади битолчани, интелектуалци, иницијатори за формирање асоцијација за наука и уметност во Битола. Според записникот од основачкиот состанок, освен јас, во групата иницијатори беа и Олга Кривашија, професорка по историја, Живко Паришко, шумарски инженер, Велимир Костовски, професор по географија, Александар Тодоровски, професор по биологија, Милош Константинов, архивист, Тодорка Дога, Кочо Цингаровски, Душан Хр. Константинов, етнолог, Томе Ивановски, правник, Владимир Чакар, службеник, и Томе Ристевски, службеник во Архивот. Сите ние, освен иницијатори, сме и основачи на Друштвото за наука и уметност, како што тогаш го именувавме. Во периодот од основањето до регистрацијата на 31 мај 1960 година во Друштвото се вклучија и Димитар Димитровски-Такули, наставник по македонски јазик, Владимир Ивановски, учител, Теко И. Таипи, помлад архивист, и Живко Василевски, политичар, кој воедно беше и избран за претседател, се сеќава Кочанковски, чувајќи ги и ден-денес оригиналните документи со потписите на иницијаторите.

Битолското научно друштво постара организација од МАНУ

Градот под Пелистер изнедрил бројни интелектуалци, од различни области на науките, уметничкото и културното творештво. Оттука, воопшто не е случајно што уште во далечната 1960 година, по иницијатива на група битолски интелектуалци, е формирано Друштвото за наука и уметност на Битола, а денес Македонско научно друштво – Битола, посочува доскорешниот прв човек на МАНУ, академик Таки Фити, во јубилејната монографија „60 години Македонско научно друштво – Битола“.

– Постоењето и работењето на Друштвото цели 60 години има реална и симболичка вредност и конотација. Реална, бидејќи Друштвото и неговите членови со самопрегорна работа и нагласен ентузијазам цели шест децении работат на развој на науката и уметноста. Симболична, затоа што Друштвото, на вистински начин, ја продолжува традицијата и го потврдува и зацврстува интелектуалниот код на знаменитата Битола. Македонско научно друштво – Битола, што е природно и разбирливо, во изминативе години, оствари плодна и богата научна соработка со нашата највисока институција од областа на науките и уметностите, Македонската академија на науките и уметностите, а оваа соработка дополнително беше интензивирана и збогатена во последниве четири – пет години, период кој коинцидираше со мојот претседателски мандат во МАНУ и со претседателскиот мандат на колегата д-р Марјан Танушевски во Македонското научно друштво – Битола. За време на споменативе мандати е потпишан и договор за научна соработка меѓу Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ и Македонско научно друштво – Битола. Ова е добра пригода да потсетам дека 14 редовни членови на МАНУ се и членови на Македонското научно друштво – Битола, и тоа академиците Михајло Апостолски, Јордан Поп Јорданов, Ксенте Богоев, Матеја Матевски, Ѓеорги Старделов, Владо Камбовски, Таки Фити (сите поранешни претседатели на МАНУ), како и академиците Глигор Каневче, Блаже Ристовски, Гане Тодоровски, Никола Кљусев, Александар Христов, Бојан Шоптрајанов и Дончо Димовски. Познатиот писател од Битола, Владимир Костов, е почесен член на МАНУ. Научната соработка меѓу двете институции доминантно се одвива преку организирање заеднички научни расправи, научни собири, тркалезни маси, конференции, заеднички изданија, промоции на книги и друго, нагласи академик Фити за големиот јубилеј на МНД – Битола и соработката со МАНУ.

Друштвото соработува и со Универзитетот во Битола и тоа веднаш по основањето на Универзитетот, во 1979 година, кога по иницијатива на првиот ректор, проф. д-р Стеван Габер, исто така, член на Друштвото, се потпишува Спогодба за соработка во издавачката дејност.

Импозантна меѓународна активност и издавачка дејност

Во Научното друштво, кое некои го нарекуваа „мала“ академија во внатрешноста, често се случувале големи работи, а не ретко е предизвик за истакнати научни работници од странство, дел избрани и за почесни членови во Друштвото. Првиот избран почесен член е академик Анри Марсел Госен, познат француски научник по природни науки, а одлуката е донесена на 2 септември 1969 година, кога во организација на Друштвото, во Битола се организира Меѓународен симпозиум посветен на петиглесиот бор молика. Веднаш по свеченото отворање, тогашниот претседател на ДНУ – Битола, примариус д-р Димитар Котевски врачува повелба со која ДНУ за почесен член го избра светски познатиот француски научник Анри Марсел Госен.

Во овие шест децении импозантен е бројот на одржани меѓународни и национални јавни академски настани, чија основа секогаш била размената на искуства, нови идеи и пристапи, презентација на современи концепти и, секако, создавање нови пријателства. Паралелно се негува издавачката дејност, која се остварува од првата година од основањето на Друштвото, и тоа со издавање на првиот број на научно-стручното списание „Прилози“ отпечатен на 30 јули 1960 година. Истата година е издадена и првата авторска книга со наслов „Педагогика“ од Трајан Делов, а оттогаш до денес бројни се публикациите на кои е ставен печатот на ДНУ, а потоа и на МНД – Битола. Македонско научно друштво – Битола го издава и списанието „Современи дијалози“, чие издавање од 2016 година го финансира Министерството за култура, а содржи селектирани текстови со различна жанровска припадност.

Друштвото има научен и уметнички приод кон ликовната и друга уметност, а првата изложба на фотографии со тематика од Илинденското востание е организирана на 2 август 1963 година. Во 1967 година во Друштвото се зачленува академскиот сликар Борислав Траиковски, а од наредната 1968 година ДНУ во своите статутарни и програмски одредби ја внесува асоцијацијата на научни работници и уметници, кога воедно со работа почнува и Одделението за уметност. Ликовните уметници од Друштвото приредуваат изложби на различни локации, најчесто во некогашната Уметничка галерија, во Центар за култура, во „Магаза“, како и во изложбениот простор на НУ Завод и музеј – Битола.

Македонско научно друштво – Битола има свој амблем, кој во 1980 година го изработи академскиот сликар и графичар Ранко Струмениковски. Во средината е поставена книга со старословенско писмо како симбол на почетоците на старословенската писменост и култура. Книгата е поставена на глава од столб – симбол на уметноста. Столбот и книгата лежат врз сончеви зраци што означуваат слободен развиток на науката и уметноста, а околу нив со старословенски букви е напишано името на Друштвото.

Во шестдецениското постоење, Друштвото често е наградувано за придонесот во науката, афирмација на уметноста и поддршка на заедницата. Сите годинешни активности се одвиваат под покровителство на градоначалничката на Битола Наташа Петровска и со поддршка од Совет на Општина Битола, но свеченостите, изложбите и промоциите ќе се одржат по завршувањето на мерките за заштита од Ковид-19, затоа што, како што велат од МНД – Битола, здравјето на сите е поважно од сè!