Македонија
28. October 2024 - 16:44

Јокширски мост во Кратово пред распаѓање – се грижи ли државата за спомениците на културата?

Јокширски мост - Кратово. Го преживеал средновековието, Османлиите, две светски војни, уште од 1970 година е прогласен за споменик на културата, а денес е во очајна состојба. Со години камењата паѓаат, носечките столбови не се стабилни, но нема кој да го реставрира.

Јокширскиот мост многумина го сметаат за најстар во Кратово. Тој еден од четири камени мости кој сѐ уште е останат во градот. Граден е во средновековието со камен кој доаѓал од три локални каменоломи.

Поранешниот наставник Крсто Ивановски, чија куќа се наоѓа на само 10тина метри од Јокширскиот мост тука израснал, творел, а сега ја живее длабоката старост. Вели, мостот никогаш не бил во ваква состојба. Самиот ги забележал оштетувањата и ги пријавил.

-Можеби има три па и четири години како е забележано оштетување на мостот. И јас лично интервенирав во Заводот за заштита на споменици, културниот дом во Кратово. Належните лица ми кажуваат дека ние праќаме писмо до Скопје, а немаме никаков одговор, вели Ивановски.

Кратово е познат по рудата, а често доаѓаат трагачи на злато. Ивановски се сомнева дека токму тоа е причината за денешната слика, со оглед на тоа што до пред 4 години Јокширскиот мост немал никакви оштетувања.

-Има две варијанти. Можеби мразовци придонесуваат за оштетувања, меѓутоа другата варијанта, по мене, се копачите барајќи злато. Преку ноќ тоа е работено и не може со мраз да падне толку, освен човечка рака ако не удрила, вели Ивановски.

Општината е свесна за оштетувањата. Градоначалникот Николовски вели камења паѓаат од сводот, односно носечката конструкција.

-Уште позагрижувачки е што овие девијации, распаѓање на фугата обрушувања прогресираат од ден на ден, вели Николовски.

Надлежностите за мостот се кај Централната власт, односно Националниот конзерваторски центар. Уште минатата година Министерството за култура донела неколку итни мерки на заштита, но пракса не презела ништо. 

-Ние секако се обративме до овие надлежни институции, неколкукратно, и писмено и усмено, за алармантната состојба, барајќи конкретни, активности, насоки, меѓутоа, за жал од претходните раководни структури на овие институции немаше слух за оваа работа. Дури и официјално мислам дека немаме добиено никаков допис, вели градоначалникот.

Надлежните велат, досега инститциите не комуницирале една со друга. Одобрувани биле средства за реставрации и програми, но се било закочено внатре во институциите.

-Ние во овие четири месеци буквално работевме на откочување на овие процеси со Националниот конзерваторски центар и со Управата за заштита на културното наследство. Работни тимови коишто реално ќе ги увидиме кои се проблемите. Истото е и со тој мост, веројатно ќе треба исто да се откочи процесот бидејќи тие  дозволи ги дава Национален козерваторски центар, но ги дава и Управата за заштита на културно наследство. Кога ќе се мечираат тие две институции веројатно ќе се ослободи мостот, вели Љутков

Како дополение на овој одговор од Љутков, од Министерството велат дека во наредниот период ќе бидат преземени мерки за санација, но пари за тоа допрва ќе се обезбедуваат.

Во наредиот период ќе бидат преземени мерки за санација на оштетувањата на мостот, односно заѕидување на отпаднатата камена облога по пример на постојната со употреба на нов материјал со исти карактеристики и изглед како постојниот, консолидација на камените блокови кои не се отпаднати, како и ѕидање и пломбирање на отпаднатите делови. Мерките за заштита ќе ги изврши НУ Национален конзерваторски центар, велат од Министерството за култура.

И додека се чека да заврши добро познатиот институционален пинг-понг кратовци стравуваат и за споменикот и за својата безбедност.

„Стравувате ли дека може да се сруши?“

-Па ништо чудно. Со текот на времето ако не се санира мостот, ќе се сруши, вели Ивановски.