Балкан
18. August 2016 - 8:54

Јилдирим: Заради пучот во Турција се приведени над 40.000 лица

Во рамки на истрагата за минатомесечниот обид за пуч во Турција се приведени вкупно 40.029 лица, а околу половината од нив се и формално уапсени, изјави вчера турскиот премиер Бинали Јилдирим.

Во говорот што во живо беше пренесуван на државната телевизија, Јилдирим додаде дека 20.355 лица и формално се уапсени во врска со со обидот за пуч од 15 јуло за што Турција ги обвинува следбениците на имамот Фетула Ѓулен, кој живее во САД, јавија британските медиуми.

Премиерот, исто така, кажа дека вкупно 79.900 лица се отстранети од јавните служби во рамки на чистките во редовите на војската, полицијата, судството и цивилните служби, како и дека се затворени повеќе од 4.260 компании и институции поврзани со Ѓулен.

Ѓулен, кој од 1999 година живе во доброволен егзил во Пенсилванија, ја негира својата вмешаност во пучот, кој и самиот го осуди, потсетуваат британските медиуми.