Македонија
4. December 2020 - 19:29

Јавните службеници сепак нема да бидат приоритет, за колективен имунитет ќе се вакцинираат милион и двесте илјади граѓани во земјава

За колективен имунитет на македонските граѓани од Ковид 19 неопходно е да бидат имунизирани 60 до 70 проценти од населението. Тоа е препорака на експертите од координативното тело за имунизација, и здравствените власти за таа цел треба да обезбедат 2.4 милиони дози. Преку Ковакс механизмот ќе има вакцини за 400 000 граѓани а останатите планираат да ги добијат од билатерални договори со европски земји и склучување договор за директна набавка од производители.

-Веќе се обезбедени 833.000 ваквини против Ковид-19 за 400.000 граѓани преку Ковакс механизмот на СЗО, Глобалната алијанса за имунизација. Ќе ги добиваме вакцините согласно планот за дистрибуција кој Ковакс ќе го одреди и многу скоро очекуваме конкретна информација од нив. Покрај овој механизам доставивме барања за директни договори до компаниите „Астра Зенека“ и „Фајзер“ за нивните вакцини и после иницијалните нивни одговори ја чекаме нивната потврда дека дополнителна количина ќе може да набавиме од компаниите. Целта е 60 до 70 отсто од населението да се вакцинира бидејќи експертите сметаат дека е тоа доволен процент на вакцинирано население за да се стекне имунитет.

Третиот механизам го понудија дел од земјите членки на ЕУ .Иницијална понуда добивме од Полска, Грција и за тоа веќе аплициравме за 800.000 дополнителни дози од тие 100 милиони кои ќе бидат на располагање, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Утврдени се и приоритетите за вакцинирање и меѓу нив не се јавните службеници како што пред два беше објавено на фејбук профилот на Филипче. Први ковид вакцина ќе добијат здравствените работници, хронично болните и постарите од 65 години. Ќе можат да бида имунизирани и оние што прележале корона, но кога ќе бидат во добра здравствена состојба.

-Кај хронично болните приоритет ќе има и возраста, оние што се постари ќе бидат први, понатаму и во согласност со коморбидитетите, кардиоваскуларните, респираторните заболувања имаат предност, изјави проф. Др. Александра Грозданова, претседател на Комитет за имунизација.

Вакцинацијата против ковид не е предвидена за децата а вакцините ќе бидат бесплатни и незадолжителни. Првите дози надлежните ги очекуваат во првите месеци од следната година а во јануари ќе ги добијат и фрижидерите за чување на вакцините. Но додека почне имунизацијата, Филипче со апел до граѓаните да внимаваат како ќе го поминат овој месец и да се воздржат од групирање за претстојните слави.