Македонија
8. October 2019 - 15:37

Јанева нема да дава исказ за „Рекет“ во оваа фаза

Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, која е третоосоминчена во случајот „Рекет“, во оваа фаза нема да дава исказ во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Јанева, како што потврди за МИА нејзината адвокатка Ирена Фрчковска, ќе го задржи правото во однос на предлагање сведоци и докази понатаму во постапката.

– Иако рокот за доставување докази на одбраната е до десети, тоа право го имаме до почеток на главната расправа и ќе го искористиме во таа фаза, изјави Фрчковска.

Посочи дека се во исчекување на одлуките во врска со барањето за укинување на притворот и дадената гаранција.

– Очекуваме овие денови Апелационниот суд да донесе одлука и за нашиот предлог. Сметаме дека се исполнети сите услови за укинување на мерката и замена со поблага мерка притвор, изјави  Фрчковска.

Првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13 денеска не даде исказ во Обвинителството, иако беше спроведен од КПУ Затвор Скопје, каде се наоѓа во притвор. На Јовановски му се слоши и на носилка и со возило на брза помош беше однесен од Обвинителството за гонење организран криминал и корупција во една од скопските клиники.