Македонија
4. November 2020 - 9:48

Измените на законите за данокот на добивка и за данокот на личен доход поминаа на Влада

Ослободување од плаќање на аконтациите на данокот на добивка за ноември и декември 2020 година, како и за јануари и февруари 2021 година за обврзниците кои имаат претрпено штети во своето работење поради ширење на коронавирусот КОВИД-19, доуредување на непризнаените расходи за даночни цели, односно пропишување на одредби согласно кои премиите за доброволно здравствено осигурување (дополнително и приватно здравствено осигурување) на вработените лица, платените лабораториски тестови за КОВИД-19, како и подолг период на пренесување на загубата за обврзниците кои во текот на 2020 и 2021 година ќе остварат загуба од работењето, се само некои од решенијата содржани во Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка што помина синоќа на владина седница.

Со законот, според Владата, ќе се уредат законските решенија за поддршка на обврзниците во справувањето со последиците од КОВИД-19 и зголемување на нивната ликвидност .

Предлог-текстот предвидува и зголемување на прагот согласно кој субјектите би биле дел од режимот на неоданочување со данок на добивка за 2020 година ќе бидат ослободени од плаќање на данок на вкупен приход, зголемување на прагот согласно кој субјектите би влегле во режимот на вкупен приход во 2020 година, ќе имаат можност да се определат дали ќе плаќаат данок на вкупен приход или данок на добивка, укинување на условот за претходно покривање на загубата согласно Законот за трговски друштва за обврзникот да има право да ја пренесе загубата во идните даночни периоди, како и доуредување на бројот на спортски субјекти на кои даночните обврзници може да им донираат финансиски средства и да го користат правото на намалување на пресметаниот данок на добивка.

Во насока на имплементирање на донесените мерки од четвртио анти-ковид пакет, Владата го утврди и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход кој предвидува ослободување од обврската за плаќање на аконтациите на данокот на личен доход за ноември и декември 2020 година, како и за јануари и февруари 2021 година, со што ќе се подобри ликвидноста на обврзниците на данокот на личен доход по основ на остварен доход од самостојна дејност и ќе се овозможи полесно справување со последиците од ширењето на коронавирусот.

Дополнително, со овој Предлог-закон, како што соопшти владината прес-служба, е опфатен и предлогот на стопанските комори за ослободување од оданочување на уплатенaта премиja за дополнително приватно здравствено осигурување, за платените тестови за КОВИД-19 и за трошоците за доквалификација и обуки на вработените од кои се очекува да придонесат за подобрување на животниот стандард и квалитетот на работата на вработените лица.