Македонија
17. December 2015 - 14:16

Изградба на обиколница и плоштад приоритетни проекти за идната година во Вевчани

Целосна реконструкција на улиците и изградба нови, изградба на обиколница и модерен плоштад, се дел од предвидените проекти на општина Вевчани за идната 2016 година. Градоначалникот Цветомир Угриноски на завршната прес-конференција тековната година ја оцени како една од најуспешните за општина Вевчани, каде за реализираните проекти инвестирани биле над 2 милиони евра.

Во тек е изработка на проект за изградба на плоштад во Вевчани, кој според градоначалникот, треба да биде на три нивоа и да го реши проблемот со паркингот. Пред општинската зграда предвидено е да се изгради ресторан - воденица, кој ќе биде во сопственост на општината и ќе се издава на концесионер да работи со него.

- Плоштадот ќе биде изработен од природен материјал, каде ќе проаѓа еден јаз вода, ќе има и такви објекти во стил на воденици. Ќе го вратиме вистинскиот лик на Вевчани, нагласи Угриноски, додавајќи дека со новиот ГУП, предвидени се локации за изградба на викенд населби и хотели.

За идната година предвидено е изградба на обиколница која треба да го растерети сообраќајот од центарот, уредување на партерот околу училиштето, градинката и спортската сала, како и продолжување на кејот до изворите.

Градоначалникот потсети дека годинава беше завршена изградбата на спортската сала, која дел од владиниот проект за изградба на 145 спортски сали, за што биле инвестирани 800.000 евра.

- Со изградбата на спортската сала најмногу добија младите. Учениците редовно одржуваат настава, а секоја вечер доаѓаат екипи да се рекреираат и да се натпреваруваат. Спортската сала ги даде своите резултати и даде насока како да се развива спортскиот туризам, рече Угриноски.

До спортската сала и тениското игралиште, тој најави дека идната година ќе се гради повеќенаменско игралиште, што ќе ги овозможи сите услови за квалитетен развој на спортскиот туризам.

Во моментот се прават повеќе улици, дел од нив се прават со камени плочи да ја задржат автентичноста, дел се прават со бекатон плочки, а една улица се асфалтира.

- Со изградба на овие 10 улици се покрива над 95 проценти од територијата на Вевчани, а за следната година општината ќе биде целосна покриена со реконстуирани улици и изградба на неколку нови, меѓу кои и обиколницата за да го растеретиме сообраќајот во центарот. Патната инфраструктура до крај на 2016 ќе биде 100 отсто решена, истакна Угриноски.

Општината рабти и на проекти за развој на туризмот, меѓу кои се изградбата на видиковци на планината Јабланица, изградба на велосипедски патеки, уредување на просторот околу Вевчанските извори...