Македонија
1. јуни 2017 - 8:17

Избрана новата Влада на Република Македонија

Собранието на Република Македонија пред полноќ со 62 гласа „за“, 44 „против“ и пет „воздржани“ ја избра новата Влада. Владиниот кабинет на премиерот Зоран Заев ќе има 25 министри. 

Пред гласањето за избор на новата Влада, Заев рече дека ќе работи на сплотување, а не на делење и одговараше на прашањата и забелешките на пратениците изнесени за време на дводневниот претрес.

Во однос на прашањето за името кажа дека Владата ќе разговара со опозицијата за да се постигне консензус и оти одлуките ќе бидат конечни на референдум пред граѓаните, но во функција да се најде решение, а не да се блокира. Изрази надеж и за помош од меѓународната заедница.  

- Јас сум Македонец и ме боли исто како вас македонштината, а верувам и на сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност, рече Заев.

Новиот премиер од говорницата го покажа одговорот што го добил од Специјалното јавно обвинителство во кое тој се известува дека до овој момент нема поведена истражна постапка или е подигнат обвинителен акт за некој од 25-те министри вклучувајќи го и него. Одговорот од СЈО тој му го остави на претседателот на Собранието да им го подели на пратениците. Рече дека законот ќе важи за сите и оти не сака одмазда и реваншизам. - Секој ќе си одговара ако има докази, истакна тој.

За Парламентот рече дека треба да биде коректив на новата власт, а не извршно тело. За обезбедувањето кворум во Собранието смета ќе биде тешко. Се заблагодари за дел од конструктивните дискусии од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. 

- Сакам да знаат сите овде пред јавноста - ако некој се дрзне да интервенира врз обвинител или врз судија подобро сам да си даде оставка, а ако не го стори тоа, јас ќе дадам предлог за негово разрешување, изјави Заев додавајќи дека правната држава ќе се врати со личен пример и со политичка волја.

Премиерот Заев и се заблагодари и на Владата што заминува. - Многу остри зборови беа кажани овие два дена, но секоја конструктивна забелешка ја прифаќам. Тешко е да се оди во опозиција, посебно заради сериозни сомневања. Но никој повеќе нема да има контрола врз правосудството, рече тој.

Зорувајќи за состојбата пред и по изборите, Заев им изрази почит на лидерите на партиите на Албанците за, како што рече, нивната присебност. - Сигурен сум дека на сите им е тешко заради 27 април. Да пратиме порака да не се повтори никогаш повеќе, рече Заев.       

Во експозето на почетокот на седницата за избор на новата Влада Заев најави дека ќе предводи реформска влада во Македонија. - Наши три клучни темели ќе бидат посветеност на економијата и живот на сите,  на силни професионални институции и правда за сите и на Европската унија и НАТО и перспективи за сите, рече Заев.

Истакнувајќи дека ќе работат чесно и посветено исклучиво за потребите на граѓаните на Македонија, тој рече дека Македонија ќе биде држава на сите граѓани и оти ќе се гради обединето општество кое ќе обезбеди стабилност. - Наша цел е почеток на преговори со ЕУ и членство во НАТО во најкраток рок, рече Заев во експозето.

Во фокусот на владата, меѓу другото, ќе биде развој на економијата и стандардот на граѓаните, при што најавува просечна стапка на раст од пет проценти, зголемување на минималната плата  на 16.000 денари и до 30.000 на просечната плата.

Пред Заев, од собраниската говорница се обрати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој истакна дека со коалицијата „За подобра Македонија“ ќе останат на браникот на одбраната на државните и националните интереси на Македонија, но и во функција на развојот и напредокот на државата.

- Повикот за предвремени парламентарни избори останува отворен. Покажавме што е одговорна власт, што е власт која се грижи за народот, која ги исполнува дадените ветувања, која отвора нови работни места, која прави реформи и напредок. Уште еднаш ќе покажеме и што е одговорна, но и силна опозиција, која брзо, со поддршка на народот ќе се врати на власт, и ќе го преземе водството на водење на земјата напред и создавање на подобри услови за живот, рече Груевски, нагласувајќи дека во речиси 11 години  направиле многу реформи и крупен исчекор напред во секоја сфера и порачувајќи дека времето ќе покаже кој е во право.

Сепак, рече, во последните неколку години очигледно бевме предмет на операција на надворешни центри со цел промена на власта - со примена на аргументот на силата и моќта, се издејствува ново мнозинство, а наскоро и нова влада - непринципиелно, на сила и недемократски. Според него, главна причина за таа надворешна операција била политиката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во однос на барање фер решение за проблемот со името.

- Тоа не го добивме, и како резултат на тоа се уште не ја добивме заслужената покана за членство во НАТО и преговорите за влез во ЕУ, кои беа и ќе останат стратешка цел на ВМРО-ДПМНЕ... Од новото мнозинство очигледно се очекува поинаков пристап по ова прашање. Времето ќе покаже кој бил во право, истакна лидерот на партијата. 

Во врска со програмата на новата влада Груевски рече дека манирот на СДСМ е познат - многу ветувања, а мал учинок. - И не само што себе се фалат до бескрај, туку и бесрамно го девалвираат целиот наш труд и резултати направени досега, заради кои во 10 изборни циклуси по ред народот даваше најголема поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, и истовремено СДСМ трпеше 10 изборни порази по ред, вклучително и на последните избори, рече Груевски, кој додаде дека народот ќе споредува што ВМРО-ДПМНЕ му остава сега на СДСМ, за разлика од тоа што ССДМ ним им го оставила во 2006 година. 

Политиката на ниски даноци и политиката на привлекување инвестиции и отворање нови работни места биле две работи, рече Груевски, за кои цел свет им признавал и честитал. - Нашето создадено, нашата грижа, проекти, помош и секогаш пружена рака за поддршка ќе останат кога оваа вештачки создадена магла ќе се крене... Го поздравувам приземјувањето на мандатарот по однос на залетот во вознес за добивање на премиерската функција и тоа што потпиша дека нема да ја подржи тиранската платформа, рече Груевски.

Очекува дека во првите шест месеци неспособноста, како што рече, СДСМ ќе ја прикрива со префрлање на вината на нив и на тој начин ќе ги  оправдува своите неуспеси и нереални ветувања.

По гласањето на Владата, новите министри дадоа свечени изјави. Радмила Шекеринска-Јанковска е избрана за министер за одбрана, Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи, Драган Тевдовски за министер за финансии, Никола Димитров за министер за надворешни работи, Рената Тренеска Десковска за министер за образование и наука, Горан Сугаревски за министер за транспорт и врски, Љупчо Николовски за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Мила Царовска за министер за труд и социјална политика, Дамјан Манчевски за министер за информатичко општество и администрација, Садула Дураку за министер за животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши за министер за економија, Билен Саљији за министер за правда, за министер за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, за министер за здравство Арбен Таравари и Роберт Алаѓозовски за министер за култура.

Кочо Анѓушев е избран за министер без ресор, кој како што е најавено ќе биде вицепремиер за економски прашања. Бујар Османи исто така е избран за министер без ресор но ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, како и Хазби Лика, кој според најавите ќе биде вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците. 

За министри без ресор се избрани и Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска.

Гласањето за избор на владата се изврши по предлогот за состав на владата во целина со јавно гласање, по завршувањето на претресот што траеше два дена.