Македонија
12. јуни 2024 - 16:38

Избори во СДСМ

Во полн ек започнаа кампањите на кандидатите за лидер на Социјалдемократскиот сојуз.

Средби со граѓани и симпатизери на СДСМ, волонтери за учество во програмите, но и официјални презентации пред членовите на партијата се чекорите што ги преземаат кандидатите за лидер на СДСМ пред внатрепартиските избори на 30 јуни. Имаат уште нешто повеќе од две недели да го убедат членството дека токму еден од нив треба да ја предводи партијата наредните 4 години.

Па така екс министерот за здравство Венко Филипче, на почетокот на неделава од Охрид и Струга и започна и официјално својата кампања на средби со граѓаните. “Нов СДСМ за нови промени” се вика програмата со која ќе ја обединува партијата.

Една од моите главни цели е обединување на сите компетентни и искусни кадри кои во минатото и сега придонесувале во партијата и општеството. Како претседател, ќе се потпирам на нивните стручни мислења, искуства и анализи преку кои ќе се градат партиските политики. Јас верувам во тимска работа, верувам во знаење, искуство и наука и секој кој сака да помогне ќе биде добредојден во партијата“

Ќе формира и Совет за политика и стратегија од политичари и експерти но и Совет на ветерани од поранешни политичари на СДСМ кои ќе бидат советодавен одбор на претседателот на СДСМ.

“Нов Почеток” на СДСМ пак е програмата на директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски распослана на 26 страници со која ќе ја враќа довербата на граѓаните во партијата. Меѓу клучните фокуси ќе му бидат и забрзаниот економски раст, ефикасен правен систем, квалитетно и достапно јавно здравство.

За промените кои сака да ги направи во партијата се вклучиле околу 50 волонтери од различни делови на Македонија, а со средбата со нив и официјално денеска започна неговата кампања.

Ентузијазмот и посветеноста на нашите волонтери се навистина мотивирачки. Нивната посветеност за нашата визија и нивниот проактивен пристап се токму она што ни треба за да направиме промени за кои се залагаме. Особено охрабрува бројот на волонтерите кои до сега се одѕваа и се пријавија да ни се приклучат. Навистина е мотивирачка енергијата со која тие пристапуваат кон сите теми кои се дел од нашата програма и нивниот придонес со свои идеи. Тоа е и основата на нашата програма, Нов почеток, нов СДСМ.

Кандидатката Славјанка Петровска, вечерва ќе ја промовира својата програма “Манифест за социјалдемократијата”, со која ќе ја бара довербата да стане претседател на СДСМ.

Четвртиот кандидат за лидер на СДСМ е заменик министерот за информатичко општество, Александар Бајдевски.