Македонија
22. јуни 2024 - 16:38

Колку ќе заштеди здравството со укинувањето на организациските директори?

Најмалку половина милион евра ќе биде побогата здравствената каса за една година ако Арбен Таравари го исполни ветувањето на неговиот прв работен ден во понеделник. Оваа заштеда е само од укинување на функцијата организациски директор во здравствени установи, а во иднина нема да има трошоци за секретари, службени возила, телефони и патувања во странство што досега ги користеа овие функционери.  Таравари најави веднаш разрешување на оние кои се вршиели на должноста а директорите со менаџерски договори ќе ги почекаат измените на законот каде ќе биде укината оваа функција.

-Понеделник ако ја преземам функцијата 90% од економските директори кои се в.д. ќе бидат веднаш разрешени, освен тие што имаат решенија. Ќе имаме веднаш предлог за закон до парламентот за да се смени законот и да не постојат веќе економски директори, изјави Арбен Таравари, кандидат за министер за здравство. (21.06.2004)

Согласно најавата на Таравари, во понеделник неколку клиники како Токсикологија и Неврологија ќе останат без кормилар бидејќи во моментот со нив раководат само организациски директори кои се в.д. Една од нив е Бесија Илјази која беше назначена ден пред распишување на изборите а со месеци е во фокусот на јавноста поради бројните реакции од вработени кои се противат на нејзиното работење.

На дел од клиниките, пак, организациските имаат менаџерски договори и нивно сегашно разрешување ќе значи само трошок за здравството бидејќи  ќе треба да исплаќа судски решенија.

На идниот министер за здравство укинувањето на организациските директори му беше приоритет и во 2017 кога неколку месеци беше на министерската функција. Исто ветување во програмата имаше и СДСМ но тоа не го реализираа во 7 годишното владеење.

Оваа функција беше воведена во 2007 со цел преку врзан потпис подобро да функционираат здравствените установи.