Македонија
23. March 2016 - 16:40

Иванов: Што може Грција повеќе да направи? - Да не блокира уште 25 години?

Македонија не делува еднострано во справување со бегалската  криза туку чекорите ги презема во координација со земјите од балканскиот коридор, вели Претседателот Иванов во интервју за грчката Стар телевизија, емитувано синоќа, при што Иванов зборува на македонски јазик со титл на грчки.

,,Грција знаеше дека кога Австрија ќе ја исполни квотата, таа ќе започне со целосно затворање на коридорот. Тоа се случи и тоа го знаеја сите во Грција. Затоа, ние инсистиравме кога ќе дојде тој момент, да почне да се празни територијата на Грција. Да се најде начин, дали преку воздушни коридори, сите што останале во Грција да бидат пренесени до земјите на дестинација каде изјавиле потреба да одат, претежно во Германија‘‘, рече Иванов.

Иванов изјави дека со оградата на јужната граница обезбедила 99 отсто регистрација на мигрантите. Истата не е подигната да се штитиме од Грција туку од илегалната миграција. Оградата ќе остане се одека има илегална миграција, и ќе се чува со соодветна опрема.

,,Секоја вечер по 20 луѓе  ја оштетуваат оградата и сакаат илегално да преминат. И тоа треба да запре. Тоа е од корист и за Грција. Кога тие ќе знаат дека не можат да одат на север, нема да доаѓаат ниту во Грција. Затоа овој период треба да го издржиме, да бидеме меѓусебно координирани и да преземаме синхронизирани акции‘‘, изјави Иванов.

Недостигот до соодветна меѓу-институционална соработка и доверба помеѓу двете земји се уште е сериозен проблем за справување со кризата.

,,Ние пропуштивме долг период поради неодговорноста на луѓе од вашата држава кон безбедносниот проблем, да превенираме многу такви случаи. И затоа ова е интервентно. За пофалба е реакцијата на вашиот Премиер, но зар требало да дојде Претседател на држава за да со вашиот Премиер решава проблеми во надлежност на полициите‘‘, истакна Иванов во интервјуто.

Прашан за коментар на изјавата на шефот на грчката дипломатија Коѕијас дека по одлуката за затворање на коридорот Македонија ќе има последици за европските и евроатланските интеграции, Иванов му порача на Коѕијас да си ја повлече изјавата.

,,Што може Грција повеќе да направи? Да не блокира уште 25 години како досега што не блокираше? Не е тоа начин на добрососедство и на односи меѓу народи кои живеат и се осудени да живеат заедно. Ниту можеме да ја смениме историјата, ниту можеме да ја смениме географијата‘‘, рече Иванов.