Иванов: Предвремените избори ќе бидат излез од кризата само ако се деблокираат интеграциите
Предвремените парламентарни избори ќе бидат излез од кризата, но само доколку по изборите се деблокираат интеграциите на Република Македонија, порача претседателот Ѓорге Иванов во синоќешното обраќање на свечениот прием за учесниците на 15. Есенска сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ што се одржа во Музејот на македонската борба.
Според Иванов, блокадата на европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија стана една од главните причини за постојаната политичка криза што, нагласи, кулминираше годинава и со тоа, последиците од блокадите станаа причини за нови блокади.
- Верувам дека предвремените парламентарни избори ќе бидат излез од кризата, но само доколку по изборите се деблокираат интеграциите. Само со отворање на европските перспективи за македонските граѓани ќе се излезе од маѓепсаниот круг на политички кризи и недоверба, рече претседателот Иванов.
На ОБСЕ, како што посочи шефот на државата, му беа потребни речиси четири долги години за да ја прифати реалноста на македонската државност и позитивно да одговори на нашето барање за членство. Иако бевме неправедно блокирани, потенцира македонскиот претседател, не се откажавме од ОБСЕ бидејќи длабоко верувавме во исправноста на принципите на демократијата, човековите права и слободи, правото на човечкото достоинство, почитувањето на меѓународното право и владеењето на правото како услов за добро владеење.
- Не се откажавме, бидејќи верувавме во ОБСЕ. Таа наша доверба и истрајност се исплатеше. Влогот и ангажманот на ОБСЕ во Македонија беше значаен. Ни помогна да достигнеме многу европски стандарди, критериуми и вредности. Благодарение на сето тоа, од корисник на услугите, денес, мојата држава е активен придонесувач во целите на Организацијата. И преку македонскиот модел на соживот и почитување на различноста, и преку добрососедските односи, рече претседателот Иванов на собирот.
Зборувајќи за улогата на ОБСЕ во справувањето со современите предизивици, Иванов порача дека државите-членки треба да придонесат за трансформација на организацијата.
- Мора да му помогнеме на ОБСЕ да го пронајде своето вистинско место во суровиот 21 век. Неопходно е ОБСЕ да се приспособи на промените за да може да се соочи со предизвиците. Тоа ќе го постигне со помалку декларативност, а со повеќе конкретни иницијативи и решенија втемелени врз реалните потреби на граѓаните на нашите држави. А тоа се потреби за слобода, демократија и економски развој. Но, за да го обезбедиме тоа, неопходни ни се безбедност и соработка, подвлече претседателот.
Есенската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ почна на 29 септември, а завршува денеска. Станува збор за најголемиот меѓународен парламентарен настан организиран во историјата на Република Македонија, со учество на делегации од 51 земја-членка во ОБСЕ, 370 пријавени учесници, од кои 220 пратеници.
Годинава темата на парламентарната конференција е „Зајакнување на мерките за градење доверба и добро управување во регионот на ОБСЕ“.
Ново на Сител
-
Итна седница во советот на Град Скопје
-
Македонскиот јазик е на удар на соседите и со тоа е загрозен пристапниот процес во ЕУ
-
Растат платите, но и трошоците - За една година животот поскап за 13.000 денари
-
Граѓанските организации бараат државата да ги унапреди превентивните здравствени програми и да не крати средства
-
Вонредна седница на Владата
-
Зошто пропадна тендерот на ЈСП за набавка на нафта?
-
За влакно избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ
-
Се лансира правосудна мрежа за борба против корупцијата