Иванов: Македонија успешно се справува со мигрантската и бегалската криза
Македонија добива комплименти за начинот на справување со мигрантската и бегалската криза и ние сме една од ретките земји кои успешно се справуваат со овој предизвик, изјави претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов по остварените средби со повеќе учесници на 21. Самит за климатски промени во Париз.
- Нашиот кризен менаџмент е активиран, имаме прогласено кризна состојба и постапуваме согласно нашиот закон за се што е предвидено од тој аспект. Македонија добива комплименти, бидејќи за разлика од некои други држави кои беа изненадени и не се снајдоа најдобро, Македонија од самиот почеток на кризата прави се за да нема никакви последици по безбедноста на нашето население, потенцира Иванов.
Во разговорите со светските лидери на Самитот се зборувало за македонската евроатлантска интеграција, за состојбите во регионот, како и за предизвиците со мигрантската и бегалската криза.
- Со претседателот Обама зборував за нашата евроатлантска интеграција, изјави Иванов. Додаде дека Македонија го почнува 17-тиот акциски план за членство во НАТО а, како што рече, стоиме во место и имаме статус-кво состојба во нашата интеграција. - Со Ангела Меркел имавме подолг разговор, кој се однесуваше на проблемот што не засега сите во нашиот регион, и кој станува се повеќе глобален проблем. Проблемот со бегалците и мигрантите, изјави македонскиот претседател.
Говорејќи за средбата со канцеларката Меркел, Иванов истакнал дека Република Македонија има проблеми односно предизвици кои доаѓаат од територија на Европска унија и од членка на НАТО.
- Разговаравме отворено со госпоѓата Меркел за тоа што се се подготвува во врска со бегалската криза. Таа информираше за самитот што се одржа меѓу Европската унија и Турција, што е планирано, кои мерки ќе се превземат краткорочно, кои долгорочно, како и за тоа кои се нивните очекувања. Процесите што се почнати со бегалската криза доведоа до тоа што, сега коридорите на бегалците ги користат мигрантите од Африка и од Азија и затоа мора да се превземат мерки како што и ние превземавме. Со цел, додаде Иванов, да се разликуваат тие што бегаат од боиштата, пред се луѓето од Сирија, Ирак и Авганистан, од оние кои се економски мигранти, рече македонскиот претседател.
На средбата со грчкиот премиер која поминала во конструктивна атмосфера, претседателот Иванов и премиерот Ципрас зборувале за проблемот со бегалците и мигрантите кој претставува продолжение на разговорот што неодамна двајцата го имале во Брисел на лидерскиот состанок посветен на приливот на бегалците низ Балканската рута.
- Она што побарав од грчкиот премиер во Брисел и сега, е институциите да соработуваат и да разменуваат податоци бидејќи тоа е во интерес пред се на нашите држави, на нашите народи, но и на регионот. Голем дел од странските борци кои се на боиштата во Сирија и Ирак сега како бегалци и мигранти се пробиваат низ Европа, и ја загрозуваат безбедноста на самата Европа. Затоа е неопходна соработка на службите, не само меѓу нас и Грција, туку долж целиот коридор и самата Европска Унија, затоа што размената на податоци од безбедносен карактер отсуствува и во самата Унија, рече Иванов.
Тој додаде оти со премиерот Ципрас разговарале и за мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција, како и за неопходноста од нивната имплементација.
- Мора да посветиме многу повеќе внимание на имплементирање на мерките за градење доверба, кои треба да поттикнат повеќе соработка во областите кои не можат да трпат поради проблемот со името. Тука се пред се нашата академска и бизнис заедница, како и комуникацијата меѓу населението, изјави македонскиот претседател, и нагласи дека сето она што како позитивен пример е досега покажано, мора да се поттикнува и што повеќе развива.
За Самитот на климатски промени во Париз, Иванов рече дека бил одлична можност да се слушнат пораките од многу светски лидери и нивната загриженост за сето она што се случува со нашата планета. Според него климатските промени предизвикуваат такви последици кои не почитуваат државни граници и не ги почитуваат поделбите што се направени од луѓето и од државите.
- Доминира свеста дека сме моќни како цивилизација за еден предизвик, на кој мораме заеднички да наоѓаме одговор. На минатите самити имавме многу декларативен однос кон овие прашање. Сега, конкретно во овој момент е потребно нешто што веќе е најавено. Конкретни иницијативи чија цел е глобалното затоплување да не биде поголемо од 2°Ц, бидејќи последиците за човековата цивилизација се катастрофални, рече Иванов.
Ново на Сител
-
Околу 18.000 Сиријци се вратија дома по падот на Асад
-
Сиљановска Давкова: Треба да ги тераме ЕУ реформите, Европајнин се станува со почитување на правото
-
Тошковски: Прашањето не е дали, туку кога Груби ќе се најде пред лицето на правдата во нашата држава
-
Димитровска: Нема судир на интереси во случајот со членот на ДКСК и директорот на АНБ
-
АМСМ: Забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Тетово – Попова Шапка
-
Скопјанка измамена за 45.000 денари - ја излажале дека ќерка ѝ предизвикала сообраќајка
-
Пронајдена уште една црна кутија на местото на авионската несреќа во Казахстан
-
Бегајќи од полицијата, предизвикал две сообраќајки - лишен од слобода млад скопјанец