Македонија
2. January 2024 - 16:32

Истражување на ЕУ: Колку скопјани се задоволни од квалитетот на животот?

Жителите не се задоволни од квалитетот на животот во Скопје, покажува истражувањето на ЕУ за 2023 година. Главниот град е во последната десетка на европски градови по однос на ова прашање. 

Во друштво сме со Атина, Истанбул, Тирана, Белград и Подгорица. 

Ако сакате убав живот преселете се во Швајцарија и Данска. Таму граѓаните се најзадоволни, покажа истражувањето кое опфаќа 84 градови во земји членки на ЕУ, потоа земјите од ЕФТА (Европска асоцијација за слободна трговија), Обединетото Кралство, Западен Балкан и Турција.

Иако најголемиот број од испитаниците во европските земји сметаат дека се подобрил нивниот живот во последните пет години, скопјани не го делат мислењето со нив. Граѓаните не гледаат скоро и никаков напредок во квалитетот на животот од 2019, до 2023 г.

Скопје е на дното и според тоа колку луѓето се задоволни од здравствените услови во градот. Главниот град на Македонија е и во последните десет земји, според задоволството на жителите од културните установи и зелените простори во градот.

Со 12% си го држиме и последното место, во однос на квалитетот на воздухот.

Инаку, во истражувањето на ЕУ се анализирани податоци од 71.153 интервјуа, а од секој град биле интервјуирани најмалку 839 жители, помеѓу јануари и април претходната година.