Македонија
18. October 2024 - 16:31

Истражување: Битола најотворена општина, Сопиште најзатворена

Битола најтранспарентна, Сопиште најзатворена општина, покажува истражувањето на Метаморфозис и Рурална Коалиција во кое се анализира Индексот на отвореност на општините во Македонија. Сите локални самоуправи имаат веб-страници, но услугите за граѓаните не им се во прв план. Гледано по региони, скопскиот, бележи најниски резултати по однос на нивната отвореност кон граѓаните.

Вакво истражување се проведе и во 2022 година. Тогаш просекот на отвореност бил 27%, а во 2024 година истиот е зголемен за 10% и изнесува 37%.

Иако истражувањето покажува напредок од 10 проценти, сепак просекот на 37 процентната транспарентност на општините се уште значи ниска отвореност на работењето на локалната власт.

Голем напредок е тоа што денеска сите општини имаат веб-страници, што не е случај со јавните претпријатија.

Истражувањето беше спроведено од 1. февруари до 15. мај годинава насловено Процената на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Македонија, изготвена преку Индексот на отвореност за 2024 година на тематскиoт форум „Вклучена заедница за отпорност на корупција“.