Свет
18. May 2018 - 22:18

ОН испраќаат Комисија за истрага на судирите во Појасот Газа

Советот на ОН за човекови права денеска усвои Резолуција за испраќање во Појасот Газа на меѓународен тим специјализиран за воени злосторства, со задача да испита евентуални прекршувања при неодамнешните судири на границата на оваа палестинска енклава со Израел. 

Со 29 гласа „за", два „против" и 14 „воздржани“, Советот ја  усвои Резолуција во која се повикува на „итно испраќање независна меѓународна комисија", која ќе ги испитува прекршувањата на човековите права и малтретирањата за време на судирите меѓу израелската армија и учесници во масовните палестински протести, кои започнаа на 30 март 2018 година.

САД и Австралија гласаа против, а  меѓу апстинентите беа Германија, Велика Британија, Јапонија, Швајцарија, Унгарија и Грузија.

Претставниците на Германија, Австралија и Унгарија изјавија дека не можат да ја поддржат Резолуцијата, бидејќи таа не ја одразува коректно улогата на Палестинската автономија и „недржавните учесници“.

Израелското Министерство за надворешни работи преку соопштение ја отфрли одлуката на Советот на ОН, нагласувајќи дека овој орган е пристрасен против Израел и во него „владеат лицемерие и апсурди“.