Македонија
29. October 2019 - 15:53

ИСИЕ : Потребна е поголема транспарентност на полошките општини за јавните набавки

Општините од полошкиот регион не ги објавуваат сите процедури од јавните набавки на интернет страниците и се задржуваат на минимум законски обврски што ги имаат за објавување, велат од Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ за резултатите од следењето на локалните самоуправи како ги објавуваат податоците за јавните набавки.

Тие информации ги нема на интернет страниците на општините или се застарени, велат од Институтот по анализа на ваквот работење во 2018 година.

-Треба да ги објавуваат договорите за јавни набавки, во основа се задржуваат на плановите за јавни набавки, она што е законски услов, меѓутоа не ги објавуваат навремено огласите за јавни набавки, на нивните интернет страници. Треба да го прават тоа на интернет страницата на бирото за јавни набавки, но, добро е кога граѓаните и фирмите кои се корисници на интернет страниците на општините кога сите овие податоци би ги имало и на страниците на општините подостапни и потранспарентни. Затоа што, секој не проверува секој ден на страницата на бирото за јавни набавки, подостапнa за граѓаните е страницата на општината и затоа ние ги даваме овие препораки во делот на транспарентноста на општините, изјави Дарко Спасевски од ИСИЕ.

Анализата на 2018 е втора година која се анализира откако претходно се истражувало како во 2017 се објавувале податоци за јавни набавки. Според истражувачите, општините останале на исто ниво.

-Добиваат една просечна оценка, а нивните поени кои што ги добија во истражувањето се помеѓу 50 и 60 проценти од 100 можни проценти. Тоа покажува дека се забележува статус кво во ситуацијата и секако дека треба да ги имаме во предвид спецификите на овој плански регион. Се работи за две големи општини кои имаат повеќе пари кои можат да ги трошат и за седум мали општини кои сами по себе немаат капацитет и имаат многу малку јавни набавки. Кај нив имаме од 10 до 15 јавни набавки во однос на сумите 200 до 300 илјади евра, вели Спасевски.

Мониторингот на јавните набавки е направен за девет општини од Полошкиот плански регион. Употребени се прашалници со 35 индикатори и подобласти, дел од податоци се преземени директно од општинските веб-страници како и од државните институции.