Свет
8. February 2020 - 17:49

Иран се понуди да посредува меѓу Сирија и Турција

Иран е подготвен да им помогне на Анкара и Дамаск во решавањето на споровите, соопшти денеска иранското Министерство за надворешни работи.

На средбата на специјалниот пратеник на ОН за Сирија Геир Педерсен и иранските власти, Техеран ја истакна важноста за решавање на спорот во Сирија преку дипломатски средства, соопшти Министерството на својата веб-страница.

„За време на состанокот, Иран повтори дека цивилите во Сирија не треба да се користат како човечки штит и оти е подготвен да посредува меѓу Турција и Сирија во решавањето на отворените прашања“, се наведува во соопштение.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се закани дека ќе ги протера сириските војници од Идлиб, доколку не се повлечат до крајот на месецот, откако осуммина турски војници беа убиени во гранатирање на сириските владини сили во близина на градот Саракеб.